„Да имаше сериозен претседател, како Доналд Трамп, тој ќе ја спречеше војната“, рече тој во интервју со израелскиот лобист Бен Шапиро.
Зборувајќи за војната во Украина, тој изрази остар критички став кон справувањето со кризата од страна на Западот, објаснувајќи дека Украина служела како тампон-зона меѓу Русија и НАТО сè додека западните лидери, со поддршка од САД, не се обиделе да ја интегрираат во западните воени и економски структури.
„Русите отворено кажаа дека нема да го толерираат тоа“, кажа тој, тврдејќи дека друг американски претседател можел да ја спречи ескалацијата. „Да имаше сериозен претседател, како Доналд Трамп, тој ќе ја спречеше војната“, кажа Орбан.
Тој укажа и на економската штета што војната ѝ ја нанесе на Европа. „Украинците немаат ни пара. Целата украинска армија е финансирана од Американците и Европа. Се уништуваме самите себеси. Инфлацијата расте. Цените на енергијата нагло скокнаа“, кажа тој, тврдејќи дека Унгарија била во право што повикува на мир и враќање во неутралната тампон-зона.
„Ова е економска катастрофа за Европа. Ни треба примирје. Ни треба мир“, рече Орбан.
Тој изрази длабока загриженост поради растечкото влијание на меѓународните организации, вклучително и Европската Унија, за која рече дека отстапила од својата првична намена. „Брисел повеќе не е за координација на земјите-членки“, предупреди тој, истакнувајќи дека „стана центар на моќ… Франкенштајн“.
Тој ја обвини ЕУ дека користи правни алатки како оружје, како што се дневните казни, за да ја казни Унгарија за одбивањето да прими нелегални мигранти. „Секој ден ни земаат милион евра како казна“, рече тој.
Што се однесува до странското влијание во домашната политика, Орбан го сврте вниманието на она што го нарече „сива зона“ на невладини организации, влијателни лица и аналитички групи кои го обликуваат јавното мислење без одговорност. „Следете ги парите“, повика тој, истакнувајќи ја потребата од закони за транспарентност за да се утврди кој ги финансира политичките наративи во Унгарија.