Рудникот за злато и бакар во Бор е во мнозинска кинеска сопственост од крајот на 2018 година, кога кинеската компанија Зиџин мајнинг преку рекапитализација стекна 63 проценти од акциите во поранешната државна компанија РТБ Бор.
Според српските закони, компанијата прво мора да го понуди целото ископано злато за купување на Народната банка на Србија. НБС, како што се наведува, никогаш не ја отфрлила оваа можност. Во случај централната банка да го одбие купувањето, Зиџин би можел да побара дозвола за извоз. Од презмањето на рудникот во 2018 година, НБС купила вкупно 16,3 тони злато од кинеската компанија.
Само од продажба на злато, во 2025 година, Србија Зиџин копер остварила приход од околу 48,4 милијарди динари, што е приближно 400 милиони евра. Вкупните приходи на компанијата, кои вклучуваат продажба на бакар и сребро, изнесуваат околу 227,6 милијарди динари, при што најголемиот дел, 173,4 милијарди динари, отпаѓа на бакар.
Врз основа на остварените приходи, може да се процени дека српската централна банка платила во просек 3.000 евра за унца злато (31,1 грам). Цената на унца на светските берзи во текот на 2025 година се движеше од 2.500 до 3.700 евра.
Народната банка на Србија купува злато во домашна валута, динари, со што директно ги зголемува своите девизни резерви. Покрај купувањата на домашниот пазар, НБС стекнала дел од своите златни резерви, вкупно околу 17 тони, и на меѓународниот пазар.
Благодарение на тие купувања, резервите на злато на Србија достигнале 53,7 тони во март оваа година, што е повеќе од трикратно зголемување во споредба со 2012 година, кога изнесувале нешто помалку од 15 тони. Вредноста на овие резерви, според тековните пазарни цени, се проценува на околу 6,9 милијарди евра.
Во споредба со 2012 година, вредноста се зголемила за дури 11 пати, за што, покрај зголемувањето на количеството, значително придонел и порастот на цената на златото на светскиот пазар. НБС објави дека имаат намера да продолжат да купуваат злато на домашниот пазар во иднина.






