„Од околу 11.000 севернокорејски војници испратени во Русија, има 4.000 жртви, а се чини дека дополнителни 3.000 или повеќе биле испратени во јануари и февруари“, според изјавата на Здружениот генералштаб во Сеул.
Кон крајот на февруари, јужнокорејската разузнавачка служба соопшти дека верува оти Пјонгјанг испратил втор бран војници на фронтот во руската област Курск, додавајќи дека не го знае точниот обем на распоредувањето.
Јонхап го пренесе соопштението од Здружениот генералштаб во Сеул дека севернокорејската војска веќе претрпела околу 4.000 жртви во војната во Украина. Сепак, не е јасно дали во оваа бројка покрај загинатите се вбројуваат и ранетите војници.
Покрај испраќањето војници, Северна Кореја продолжува да ѝ испорачува на Русија муниција и оружје во големи количини, вклучувајќи ракети со краток дострел, самоодни хаубици и ракетни фрлачи, тврди јужнокорејската војска.






