петок, 14 ноември 2025

Израелски медиуми: Договор за примирје во Газа е можен уште утре

Израел во следните два дена би требало да ја потпише првата фаза од договорот со Хамас, што би го отворило патот за итно ослободување на сите заложници, објавија израелските медиуми Тајмс оф Израел и Канал 14, како и американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според тие извори, разоружувањето на Хамас и демилитаризацијата на Газа ќе бидат дискутирани подоцна, но се истакнува дека тоа ќе се случи „го сакале тоаили не“. Доколку договорот биде потпишан и сите заложници бидат ослободени, Израел за возврат ќе ги ослободи затворениците кои ги бара Хамас.

Претходно во текот на денот официјален претставник на Хамас изјави дека е разменет список на заложници и затвореници кои треба да бидат ослободени доколку се постигне договор. Индиректните преговори меѓу Израел и Хамас започнаа во понеделникот, а медијатори се Катар, Египет и Соединетите Американски Држави.

Според Аксиос, американските, израелските и катарските претставници веруваат дека може да се постигне договор уште оваа недела. Во игра се клучните прашања како условот за повлекување на Израел од Газа и идентитетите на палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени, што ги прави преговорите чувствителни.

Во преговорите во Шарм ал Шеик учествуваат тимови на Израел и Хамас, катарскиот премиер и шефовите на разузнавачките служби на Турција и Египет. Целта е договорот да биде објавен оваа недела, а ослободувањето на израелските заложници да почне следната недела.

Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток Стив Виткоф и советникот на Трамп Џаред Кушнер денес пристигнаа во Египет на разговори. Двајца високи американски претставници изјавија дека е постигнат напредок и дека се надеваат на договор во наредните денови. Израелски претставник даде слична изјава: „Има напредок. Чувствуваме претпазлив оптимизам“.

И покрај ова, израелските претставници досега ја отфрлија проценката на турскиот министер за надворешни работи дека прекин на огнот може да се прогласи уште вечерва. Катарските медијатори веруваат дека може да се постигне договор до петок.

Првата фаза од договорот се однесува на размената на заложници и затвореници, почетното израелско повлекување и прекин на непријателствата во Газа. Дури подоцна би се решиле прашањата за разоружување на Хамас и идното управување со Појасот Газа.

Според Тајмс оф Израел медијаторите планираат да го потпишат договорот уште утре. Потоа преостанатите живи заложници – кои според проценките ги има 20 од вкупно 48 – ќе бидат ослободени, а на Хамас ќе му биде дозволено да ги собере телата на убиените заложници за да се вратат во Израел.

Изворите наведуваат дека ова е првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио нема да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи во Париз, организиран од Франција. Израел побара од администрацијата на Трамп да не учествува, верувајќи дека тоа би можело да ги попречи преговорите од договорениот план и да ги поткопа преговорите во Египет. Се очекува на состанокот во Париз да учествуваат претставници на арапски, муслимански и европски земји.

Франција минатиот месец го налути Израел предводејќи ја иницијативата на западните земји на Генералното собрание на ОН да ја признаат палестинската држава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ