петок, 17 април 2026

Израелска организација го пријави Санчез пред Меѓународниот кривичен суд: „Помага во воени злосторства“

Израелска организација за правно застапување побара од Меѓународниот кривичен суд да покрене постапка против шпанскиот премиер Педро Санчез поради наводно „помагање во воени злосторства“ преку извоз кон Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пријавата е поднесена во време на ескалација на дипломатскиот спор меѓу двете земји, кој започна со војната во Газа во октомври 2023 година, а дополнително се заостри кога Мадрид една година подоцна ја призна Палестина, пишува Тајмс оф Израел.

Пријавата ја поднесе невладината организација Шурат ХаДин, позната по покренување правни постапки низ светот против оние што ги нарекува „непријатели на Израел“. Во пријавата се тврди дека Шпанија ги обезбедила „компонентите што на режимот во Техеран и неговите сојузници им се потребни за воени цели“.

Во поднесокот, заснован на членот 15 од Римскиот статут, се наведува дека Шпанија одобрила извоз на таканаречени производи со двојна намена во вредност од околу 1,3 милиони евра. Се тврди дека тие производи може да се користат во детонатори и за други примени поврзани со експлозиви.

„Не станува збор за безопасни индустриски производи, туку за клучни компоненти што овозможуваат функционирање на експлозивни направи. Тие се испорачани во околности во кои било разумно да се предвиди дека ќе се користат за напади врз цивили“, соопшти Шурат ХаДин.

Односите меѓу Израел и Шпанија нагло се влошија откако Мадрид почна остро да го критикува Ерусалим поради војната во Газа, која следуваше по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Шпанскиот социјалистички премиер исто така се спротивстави на американско-израелската војна против Иран, што предизвика остра реакција од Израел.

Израел и Соединетите Американски Држави започнаа напади врз Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со балистички ракети и дронови кон земјите во регионот, сè додека минатата недела не беше постигнат кревок договор за прекин на огнот.

Минатата недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му забрани на Мадрид учество во работата на центарот за поствоена стабилизација на Газа под водство на САД, обвинувајќи ја Шпанија дека води дипломатска кампања против Израел. На крај, двете земји ги повлекоа своите амбасадори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ