Одлуката беше објавена вчера, по состанокот на премиерот Бенјамин Нетанјаху со претседателот на локалниот совет на Кацрин Јехуда Дуа, и претседателот на регионалниот совет на Голан Ури Келнер, кој се одржа во понеделник во Ерусалим.
Локалните власти планираат да привлечат 3.000 нови семејства во Кацрин и пошироката област на Голанската висорамнина до 2030 година.
„Ќе ја зајакнеме академската заедница, истражувањата и Универзитетот Кирјат Шмона, кој ќе добие филијала во Кацрин, како и факултет и ветеринарна болница“, објави Дуа.
„Разговарав со претседателот (на САД Доналд) Трамп кога тој го призна нашиот суверенитет над Голанската висорамнина, а сега започнуваме силен развоен замав. Се надевам дека наскоро ќе ја посетам областа“, кажа Нетанјаху на состанокот.
Израел го окупираше поголемиот дел од стратегиското плато од Сирија во Шестдневната војна во 1967 година и го анектираше во 1981 година. Советот за безбедност на Обединетите нации го нарече управувањето на Израел со регионот „шупливо и без никаков правен ефект“, а овој став го потврди и специјалниот претставник на ОН за Сирија Геир Педерсен.
Во 2019 година Доналд Трамп го призна израелскиот суверенитет над областа. Тоа претставуваше драматичен пресврт од децениската американска политика и ги направи САД единствената земја во светот која се реши на таков потег.
Колониите, израелските цивилни населби на окупираните територии, се нелегални според меѓународното право.
Во 1974 година ОН воспостави мировна мисија за надзор на Голанската висорамнина.






