петок, 19 јуни 2026

Иран и САД постигнаа договор: крај на војната и отворање на Ормускиот теснец

Американски и ирански претставници соопштија дека постигнале договор за завршување на војната и повторно отворање на Ормускиот теснец, прелиминарен пакт што ги намали цените на нафтата, но прашањето за иднината на нуклеарната програма на Техеран останува тема за понатамошни преговори, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако сè уште станува збор за рамковен договор, тој претставува најголемиот пробив кон решавање на конфликтот што однесе илјадници животи и ги наруши енергетските пазари, откако почна со заедничките американско-израелски напади врз Иран во февруари.

„Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Трут сошл околу 17:30 часот по вашингтонско време во неделата. Неговата објава дојде кратко откако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја посредуваше, соопшти дека договорот бил постигнат рано утринава по локално време.

Меморандумот за разбирање треба официјално да биде потпишан в петок во Швајцарија.

Точните услови не се веднаш познати. Шариф на Икс напиша дека договорот предвидува „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.

Либан беше едно од најспорните прашања во преговорите, бидејќи Израел и Хезболах во последните недели ги игнорираа повиците на Трамп и другите за прекин на меѓусебните напади.

Во соопштение, секретаријатот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран наведе дека војната и воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан, трајно ќе престанат од понеделник навечер.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека израелската војска на неодредено време ќе остане во безбедносните зони во Либан, Сирија и Појасот Газа за да ги заштити границата и израелските населби, додавајќи дека тој и премиерот Бенјамин Нетанјаху јасно им го пренеле тоа на Трамп и на други американски претставници.

„Ако Иран го нападне Израел поради случувањата во Либан, ќе го нападнеме со сета наша сила и јасно ќе му ја покажеме разликата во моќта“, рече Кац.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека за време на 60-дневниот прекин на огнот ќе се преговара за поширок договор за конфликтот, вклучително и за олеснување на санкциите против Иран.

Судбината на иранската нуклеарна програма, уште едно чувствително прашање, исто така ќе биде предмет на тие подоцнежни разговори, претходно рекле извори за Ројтерс.

Ормускиот теснец повторно ќе биде отворен

Трамп рече дека Ормускиот теснец, една од главните поморски рути за светските испораки на нафта и гас, кој Иран практично го држеше затворен со месеци, ќе биде отворен в петок и дека наредил да престане американската блокада на иранските пристаништа.

„Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека потече нафтата!“, напиша Трамп.

По оваа вест, цените на нафтата паднаа. Фјучерсите на суровата нафта брент паднаа за четири проценти во раното тргување денеска, додека азиските берзи забележаа раст.

„Недостигот од детали, особено за слободата на пловидбата, предизвикува загриженост, но тоа не би требало денес да ги ограничи пазарите“, изјави Шон Калоу, висок девизен аналитичар во Ај-ти-си маркетс.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека договорот меѓу САД и Иран претставува „можен пробив“ во војната и дека Европската Унија сега ќе разгледа како може да се вклучи во следната фаза.

„Од економско влијание до нуклеарна експертиза и долгогодишни односи со партнерите од Заливот, Европската Унија е подготвена да придонесе за одржливо решение“, напиша Калас на Икс пред состанокот на министрите за надворешни работи на 27-те земји членки во Брисел.

Војната стана политички товар за Трамп и неговите републикански сојузници во Конгресот, бидејќи анкетите покажуваат дека Американците се сè понезадоволни од растот на цените на горивата пред ноемвриските избори за Конгресот. Но Трамп е под притисок и од делови од сопствената партија, кои инсистираат иранската нуклеарна програма целосно да биде укината.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, еден од најгласните критичари на Иран, го поздрави договорот, но рече дека „внимателно ќе ги следи“ претстојните преговори за иранската нуклеарна програма.

„Според нашиот закон, секој нуклеарен договор со Иран ќе биде испратен во Конгресот на разгледување и гласање“, рече тој. „Честитки до сите што нè доведоа до оваа точка.“

За време на својот прв мандат, Трамп ги повлече САД од мултилатералниот договор со Иран од 2015 година, постигнат за време на претседателот Барак Обама, со кој беа укинати санкциите против Техеран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма, вклучително и меѓународни инспекции.

Иран одговори со забрзување на збогатувањето ураниум и произведе повеќе од 400 килограми материјал со чистота блиска до онаа што е потребна за изработка на нуклеарно оружје.

Ослободување на замрзнатите средства

Договорот беше постигнат и покрај израелскиот напад врз Либан во неделата, кој предизвика критики и од Иран и од Трамп.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху не се согласува со Трамп околу американските барања Израел да ги ограничи воените дејства во Либан за да им овозможи на САД да постигнат договор со Иран.

Израел соопшти дека ќе ја задржи слободата на дејствување во Либан, додека Иран целосниот прекин на огнот таму го смета за клучен дел од своите барања.

Лидерите надвор од Блискиот Исток, кои внимателно го следеа конфликтот, го поздравија договорот.

Во заедничко соопштение, Британија, Германија, Франција и Италија порачаа дека се подготвени да ги укинат санкциите против Иран доколку бидат преземени „јасни и докажливи чекори“ за ограничување на неговата нуклеарна програма.

Пред објавувањето на договорот, висок ирански претставник му изјавил на Ројтерс дека, според нацрт-договорот, Соединетите Американски Држави ќе се согласат да ослободат 25 милијарди долари замрзнати ирански средства. Администрацијата на Трамп претходно соопшти дека какво било ослободување ирански средства ќе биде можно само откако Иран ќе исполни одредени услови од мировниот договор.

Американски претставник, кој исто така зборувал пред официјалното објавување, рекол дека договорот на крајот ќе доведе до демонтирање на иранската нуклеарна програма, а резервите на високо збогатен ураниум ќе бидат уништени и отстранети.

Високиот ирански претставник, пак, изјавил дека нацрт-договорот ќе му овозможи на Иран, кој негира дека се стреми кон производство на нуклеарна бомба, да го разреди својот збогатен ураниум во рамките на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ