Иако зборува од политичка пензија, многумина сè уште внимателно ја слушаат Ангела Меркел. Особено кога станува збор за заднината на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година. Меркел, која беше канцелар до декември 2021 година, значително ја обликуваше европската политика кон Русија.
Во интервју за унгарскиот медиум Партизан, Меркел зборуваше за периодот пред војната. За тоа како коронавирусот наводно го отежнал контактот со Владимир Путин. И за тоа како, како канцелар во тоа време, во јуни 2021 година иницираше разговори меѓу ЕУ и Русија за стабилизирање на кревкиот прекин на огнот меѓу Украина и Русија: „За ние како Европска Унија да разговараме директно со Путин“, рече Меркел.
Во интервјуто Меркел рече дека „веќе во јуни 2021 година, почувствував дека… Путин повеќе не го сфаќа сериозно договорот од Минск“, додавајќи дека сака „нов формат“ во кој ЕУ како целина би можела да разговара со Русија, пренесува РТ.
„Некои не го поддржаа тоа. Тоа беа првенствено балтичките држави, но и Полска беше против, бидејќи се плашеа дека нема да имаме заедничка политика кон Русија“, рече Меркел. Обидот не успеа, додаде таа. „Потоа јас ја напуштив функцијата, а потоа започна агресијата на Путин“, рече поранешната канцеларка.
Остри критики од Полска и балтичките држави
Изјавите на Ангела Меркел за тие околности предизвикаа бран критики во односните земји. „Тоа не е само контроверзно. Скандалозно е. Бидејќи таа во основа нè обвинува дека ние сме ја овозможиле инвазијата“, рече Андрис Пабрикс, министер за одбрана на Латвија помеѓу 2019 и 2022 година. „Таа ги превртува работите наопаку и не може да ги признае сопствените грешки, кои всушност чинат скапо“, изјави тој за ДВ.
Матеуш Моравјецки, кој беше премиер на десничарската конзервативна влада на Полска во 2021 година, напиша на Икс дека Ангела Меркел „докажала со своето неодговорно интервју дека е меѓу германските политичари што ѝ предизвикале најголема штета на Европа во последниот век“.
Критики кон изјавите на поранешната шефица на германската влада дојдоа и од редовите на сегашната полска либерална влада. Тврдењето дека некој не седнал на преговарачка маса со Русија на време е „апсурдно“, бидејќи Русија е очигледно агресорот, изјави за Полсат њуз полската министерка за фондови и регионална политика Катаржина Пелчинска-Наленч. „Овие зборови денес се сосема непримерни и ѝ помагаат на руската пропаганда“, додаде таа.
Во Естонија, министерот за надворешни работи Маргус Цахна тврдеше дека конфликтот во Украина е поттикнат од „одбивањето на Москва да го прифати распадот на Советскиот Сојуз и нејзините непопустливи империјалистички амбиции“.
Поддршка од Русија
Изјавите на Ангела Меркел навистина привлекоа големо внимание и во Русија – и беа дочекани со одобрување. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментираше: „Може да се замисли дека г-ѓата Меркел всушност е во право во овој поглед“. ЕУ, рече тој, е „за жал заложник на фанатичната политика на балтичките држави и Варшава“ во однос на надворешната политика. Руската Дума соопшти дека Полска и балтичките држави прават сè што можат за да „провоцираат“ конфликти.
Рускиот провладин политиколог Сергеј Марков го „прослави“ моментот на изјавата на Ангела Меркел со објава на својот Телеграм канал. „Меркел знае и разбира дека во Европа трендот на конфликт со Русија се префрли кон желба за мир со Русија“, тврди Марков.
За што беше самитот на ЕУ во јуни 2021 година?
Контроверзниот предлог за одржување самит меѓу ЕУ и Русија, пишува ДВ, беше предмет на дискусија на состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ во јуни 2021 година. Иницијативата дојде од Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Во тоа време, самит ЕУ-Русија се немаше одржано од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и ги поддржа сепаратистите во источна Украина.
Во почетокот на 2021 година, ситуацијата на истокот од Украина се влоши. Бројот на прекршувањата на прекинот на огнот во Донбас повторно се зголеми. Спроведувањето на Минските договори од 2014 и 2015 година за решавање на конфликтот долго време е во застој.
Од друга страна, контактите меѓу Западот и Русија беа обновени. Тогаш новиот американски претседател Џозеф Бајден кон средината на јуни 2021 година се сретна со Владимир Путин на самит во Швајцарија. Кратко потоа, Путин, во колумна во германскиот неделник „Ди цајт“ се залагаше за „обновување на сеопфатно партнерство со Европа“.
Предлогот на Меркел и Макрон за одржување самит на ЕУ со Путин доби поддршка од Италија и Австрија, меѓу другите. Сепак, беше критикуван од Полска, Литванија, Латвија и Естонија. Холандија исто така беше скептична. Латвискиот премиер Кришјанис Каринш во тоа време изјави дека треба да се избегнува впечатокот на „наградување“ на Путин со самит без претходни решенија за ситуацијата во источна Украина.
Северен тек 2 ја поткопа довербата во Германија
Во исто време, се спроведуваше германско-руски проект што беше трн во окото на источноевропските членки на ЕУ и на самата Украина: гасоводот Северен тек 2, кој требаше директно да ги поврзе Русија и Германија. Во почетокот на јуни 2021 година Владимир Путин го потврди напредокот во изградбата на гасоводот. Полска и балтичките држави инсистираа на „запирање“ на проектот.
Северен тек 2 трајно ги оштети односите, се сеќава Пабрикс, тогашен латвиски министер за одбрана: „Предупредивме за оваа зависност од Русија како геостратегиска грешка. Во исто време, Меркел лично тврдеше дека Северен тек 2 е чисто економско прашање и дека нема никаква врска со политиката“.
Со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, разликите во мислењата во ЕУ првично исчезнаа во втор план. Северен тек беше трајно оштетен од експлозиите во септември 2022 година. Се чини дека и Ангела Меркел го сфатила ова: „Денес повеќе нема да можеме да разјасниме што ќе се случеше ако… времињата сега се сменети“, рече таа во интервјуто за унгарски Партизан.






