понеделник, 23 јуни 2025

Група истакнати германски социјалдемократи бараат преговори со Русија и прекин на вооружувањето

Неколку истакнати членови на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) издадоа соопштение во кој повикуваат на директни дипломатски разговори со Русија и напуштање на надворешната и одбранбената политика на германската влада насочена кон зголемување на вооружувањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Милитаристичката алармистичка реторика и огромните програми за вооружување не придонесуваат за зголемена безбедност за Германија и Европа, туку водат кон дестабилизација и зајакнување на меѓусебната атмосфера на закана меѓу Русија и НАТО“, се наведува во „Манифестот“ објавен од неколку германски медиуми.

Документот понатаму зборува за „притисокот за што посилно вооружување чија цел е подготовка за наводно претстојна војна“.

Овој документ го потпишале околу стотици членови на СПД, вклучувајќи го поранешниот претседател на претставничкиот клуб на СПД во Бундестагот, Ролф Муцених, поранешниот претседател на партијата Норберт Валтер Борјанс и експертот за надворешна политика Ралф Штегнер, како и многу претставници во Бундестагот и покраинските парламенти.

Пратеничкиот клуб на СПД во Бундестагот ги отфрли барањата на групата на социјалдемократите. Портпаролот за надворешна политика на претставничкиот клуб на СПД, Адис Ахметовиќ, изјави дека станува збор за „сомнителен документ кој не го претставува ставот на партијата или на пратеничкиот клуб“

„Во случај на гласање на партискиот конгрес, овој документ нема да добие поддршка од мнозинството“, рече Ахметовиќ.

Тој кажа дека СПД сè уште ја поддржува Украина во нејзината борба против руската агресија и дека сè уште постои верување дека не е можно да се изгради „нова безбедносна архитектура“ со Русија.

Некои членови на левото крило на СПД, кое од почетокот на мај формира владина коалиција на федерално ниво со Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, како што е Ралф Штегнер, се обвинети за тајни средби со претставници на Кремљ во последните недели.

Се очекува спорниот документ да биде на дневен ред на партискиот конгрес на СПД, кој се одржува на крајот од месецот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ