вторник, 21 април 2026

Гардијан: Време е ЕУ да премине од празни апели на конкретни мерки кон Израел

Бенјамин Нетанјаху ја игнорира европската загриженост за Газа, Западниот Брег и Либан. Крајно време е за поцврст пристап од Брисел, вели Гардијан во уреднички коментар.

Фото: АИ

Објавено на

часот

Сподели

Во последните месеци, европските изрази на загриженост за постапките на владата на Бенјамин Нетанјаху сè почесто прераснуваат во отворена осуда. Минатиот септември, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изрази ужас и огорченост поради ограничувањата на хуманитарната помош, за кои рече дека создаваат „вештачки предизвикан глад“ во Појасот Газа. Брисел го осуди насилството на доселениците и присвојувањето земјиште на Западниот Брег, што ја поткопува можноста за одржлива палестинска држава. По бомбардирањето на Либан по американско-израелското примирје со Иран, шефицата на европската дипломатија Каја Калас изјави: „Правото на Израел на самоодбрана не го оправдува ова разурнување.“

Но овие остри изјави и апели не донесоа резултат. Нетанјаху и неговите министри во најголем дел ги игнорираа европските критики, со едвај прикриен презир, веројатно охрабрени од фактот што нивните главни сојузници во Белата куќа се однесуваат на ист начин. Европската Унија е најголемиот трговски партнер на Израел, а академските придобивки од учеството во истражувачката програма Хоризонт се значајни. Сепак, внатрешните поделби и преоптимистичната верба во силата на убедувањето ја натераа Унијата да се воздржи од користење на тие врски како вистинско средство за притисок.

Со задоцнување, се појавуваат знаци дека пристапот може да се менува. Неодамнешниот изборен пораз на унгарскиот премиер Виктор Орбан е воедно лоша вест и за Нетанјаху, кој загуби важен сојузник од крајната десница. Во февруари, Унгарија беше единствената земја од Европската Унија што гласаше против санкции за насилните доселеници на Западниот Брег, блокирајќи ја мерката за која е потребна едногласност. Се очекува, со доаѓањето на новата влада во Будимпешта, предлогот повторно да се најде на маса.

Пошироко, Шпанија официјално бара Европската Унија да го суспендира договорот за асоцијација со Израел, кој овозможува привилегиран статус во економските и трговските односи, поради прекршувања на човековите права. Една таква мерка веројатно нема да добие едногласна поддршка од клучни земји како Германија. Но за делумна суспензија, која би ги опфатила трговските одредби од договорот – како што претходно предложи Фон дер Лаен – би било потребно само квалификувано мнозинство.

И тоа може да се покаже како тешко остварливо, како што беше случај минатата есен. Но како што екстремната политика на владата на Нетанјаху станува сè поочигледна, јасно е дека расположението се менува. Минатата недела, по острите обвинувања меѓу Тел Авив и Рим за цивилните жртви во Либан, италијанската премиерка Џорџа Мелони најави дека обновувањето на договорот за одбранбена соработка со Израел ќе биде суспендирано „со оглед на актуелната ситуација“. Мелони, како и Орбан, некогаш важеше за близок политички сојузник.

Додека геополитичките последици од, како што се оценува, непромислената и незаконска американско-израелска војна со Иран ги дестабилизираат европските економии, владите во Европа повеќе не можат да си дозволат да стојат настрана и само да упатуваат апели. Фактот дека околу една третина од трговијата на Израел се одвива со Европската Унија ѝ дава значајни инструменти за дејствување. Истото важи и за културните и академските врски изградени врз заеднички вредности. Сепак, Брисел постојано гледа како неговите ставови се игнорираат, додека со поддршка од Доналд Трамп, израелскиот премиер води максималистичка регионална политика во која очигледно нема место за решение со две држави. Ако ветриштата во европските центри на моќ сега се менуваат, тоа доаѓа со задоцнување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ