Осмиот самит на ЕПЗ почнува денес во Ереван и ги собира лидерите на 48 земји, а претседаваат претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и премиерот на Ерменија Никол Пашинјан. За прв пат на состанокот е поканета земја која не е европска, Канада.
„Ќе разговараме главно за темата независна Европа. Мора да ја намалиме нашата прекумерна зависност конкретно во три области. Првата е енергијата, ние сме претерано зависни од увозот на фосилни горива и затоа постојано зависиме од неизвесните глобални пазари. Мора да ги зголемиме нашите капацитети дома во Европа, а тоа се обновливата енергија и нуклеарната енергија бидејќи се домашни, поевтини и посигурни“, изјави Фон дер Лаен пред новинарите.
Таа додаде дека друга тема се одбраната и безбедноста.
„Треба да го зајакнеме нашиот воен капацитет за да можеме да се заштитиме и одбраниме. Има огромно количество пари достапно за инвестиции и навистина треба да ги засилиме нашите напори и да го забрзаме процесот на производство за војската“, кажа таа.
Фон дер Лаен изјави дека ќе се дискутира и за сигурни синџири на снабдување и додаде дека Европа се свртува кон истомислечки земји, има договори за слободна трговија со Јужна Америка, Индија, Австралија, Мексико и преку нив создава мрежи на синџири на снабдување.
Таа истакна дека Ерменија игра важна улога кога станува збор за поврзаноста, поточно во Јужен Кавказ и Централна Азија.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, по пристигнувањето на самитот, одговарајќи на прашањата на новинарите за најавата на САД за повлекување на воените трупи од Европа, изјави дека за тоа се зборувало долго време, но дека сегашниот „тајминг“ е изненадување.
„Тоа покажува дека мора да го зајакнеме европскиот столб во НАТО и навистина мора да направиме повеќе“, кажа Калас и истакна дека американските трупи не се во Европа само за да ги заштитат европските земји, туку и Американците.
Таа нагласи и дека е важно да се диверзифицираат трговските патишта и да се намалат ризиците од затворање на една трговска рута, како и дека ќе се разговара за поврзувањето на тие патишта.






