Резервниот план што би ѝ обезбедил на Европа одбрана со користење на постојните воени структури на НАТО во случај на повлекување на Соединетите Американски Држави добива на замав, особено откако доби поддршка од Германија, која долго се спротивставуваше на таков самостоен пристап.
Претставници вклучени во изработката на планот, кој некои го нарекуваат „европско НАТО“, настојуваат да ја зајакнат европската улога во командните структури на Алијансата и да ги надополнат американските воени капацитети со европски. Целта не е да се создаде конкуренција на постојниот сојуз, туку да се обезбеди продолжување на одвраќањето на Русија, оперативниот континуитет и нуклеарната кредибилност дури и ако Вашингтон ги повлече своите сили од Европа или одбие да застане во нејзина одбрана, како што повеќепати се закани претседателот Доналд Трамп.
Плановите, првпат осмислени минатата година, ја одразуваат длабоката загриженост на Европа за доверливоста на САД како сојузник. Нивната разработка се забрза откако Трамп ѝ се закани на Данска, членка на НАТО, со одземање на Гренланд, а дополнително добија на значење поради застојот во односите откако Европа одби да го поддржи американскиот воен ангажман против Иран.
Одлучувачки поттик за планот даде политичкиот пресврт во Берлин. Германија со децении се спротивставуваше на француските повици за поголем европски суверенитет во одбраната, давајќи ѝ предност на Америка како краен гарант на безбедноста. Но под канцеларот Фридрих Мерц тоа се менува поради загриженоста за доверливоста на САД за време и по мандатот на Трамп, наведуваат извори запознаени со неговите ставови.
Кон крајот на минатата година Мерц почнал да го преиспитува долгогодишниот став, заклучувајќи дека Трамп е подготвен да ја напушти Украина. Според изворите, Мерц бил загрижен што Трамп ги изедначува жртвата и агресорот во војната и што американската политика во рамките на НАТО повеќе не се води од јасни вредности.
Сепак, германскиот лидер не сакал јавно да го доведува во прашање сојузот, туку се заложил Европа да преземе поголема улога. Во идеално сценарио, САД би останале во сојузот, но поголем дел од одбраната би им бил препуштен на Европејците.
Европејците сега настојуваат да преземат повеќе одговорности што Трамп долго ги бараше, но клучната разлика е што тоа го прават по сопствена иницијатива, поттикнати од сè поотворената непријателска реторика од Вашингтон, а не од американски притисок. Во последните денови Трамп ги нарече европските сојузници „кукавици“, а НАТО „куче што лае, а не каса“, додавајќи: „И Путин го знае тоа“.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, неодамна изјави дека Алијансата ќе биде „повеќе водена од Европа“.
Финскиот претседател Александер Стуб, еден од лидерите вклучени во планирањето, истакна дека промените веќе се случуваат. „Преносот на товарот од САД кон Европа е во тек и ќе продолжи како дел од американската одбранбена и безбедносна стратегија“, рече Стуб. „Најважно е да се разбере дека тоа се случува и да се спроведе на контролиран начин, наместо САД нагло да се повлечат“, додаде тој.
Стуб е еден од ретките европски лидери што одржаа блиски односи со Трамп. Откако Трамп се закани со напуштање на НАТО, Стуб стапил во контакт со него за да го информира за европските планови. „Основната порака до нашите американски пријатели е дека по сите овие децении дојде време Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана“, рече тој.
Со тоа се согласува и германскиот министер за одбрана Борис Писториус. „Јасно е дека ние Европејците мора да преземеме повеќе одговорност за нашата одбрана, и тоа го правиме. НАТО мора да стане поевропски за да остане трансатлантски“, изјави Писториус, нарекувајќи ја Алијансата „незаменлива и за Европа и за САД“.
Промената на германскиот став овозможи поширок договор што сега ги вклучува и Обединетото Кралство, Франција, Полска, нордиските земји и Канада. „Преземаме мерки на претпазливост и водиме неформални разговори со група истомисленички сојузници и ќе помогнеме да се пополнат празнините во НАТО кога тоа ќе биде потребно“, изјави шведската амбасадорка во Германија, Вероника Ванд-Даниелсон.
Дури по пресвртот во Берлин, планирањето се насочи кон конкретни воени прашања: кој би ги водел противвоздушната и противракетната одбрана на НАТО, коридорите за засилувања кон Полска и балтичките држави, логистичките мрежи и големите регионални вежби во случај на повлекување на американските офицери. Токму тоа остануваат најголемите предизвици, наведуваат претставници.
Вклучените претставници сакаат да ја забрзаат и европската продукција на клучна опрема во области каде што Европа заостанува зад САД, како противподморничката борба, вселенските и извидувачките способности, полнењето гориво во воздух и воздушната мобилност. Како пример се наведува неодамнешната објава на Германија и Обединетото Кралство за заеднички развој на невидливи крстосувачки ракети и хиперсонично оружје.
Еден од клучните елементи е и повторното воведување воен рок, од кој многу земји се откажаа по Студената војна. „Нема да давам совети, но во смисла на граѓанско образование, национален идентитет и единство, веројатно нема ништо подобро од задолжителен воен рок“, рече Стуб.
Иако европските напори претставуваат значителен пресврт, нивната реализација ќе биде тешка. Целата структура на НАТО е изградена околу американско водство. Врховниот командант на сојузничките сили во Европа секогаш е Американец, а САД немаат намера да се откажат од таа позиција. Ниту една европска држава нема доволно авторитет да ја замени Америка како воен лидер, делумно затоа што само Вашингтон може да обезбеди нуклеарен чадор на континентално ниво.
Пензионираниот американски адмирал Џејмс Фого смета дека „европеизацијата“ на Алијансата требало да се случи порано и дека европските членки имаат капацитети, но мора да инвестираат побрзо. Транзицијата веќе делумно е во тек — сè повеќе клучни командни позиции ги преземаат Европејци.
Сепак, големи слабости остануваат во разузнавањето и нуклеарното одвраќање. Европските претставници признаваат дека ништо не може брзо да ги замени американските сателитски и надзорни системи. Тоа создава притисок врз Франција и Британија да ја зголемат својата улога.
Германскиот пресврт го отвори и најчувствителното прашање — замената на американскиот нуклеарен чадор. По заканите на Трамп околу Гренланд, Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон отворија дебата дали француското нуклеарно одвраќање може да се прошири и на други европски земји, вклучително и Германија.
Самиот Трамп призна дека Гренланд бил пресвртна точка. „Сè почна со Гренланд“, рече тој. „Ние го сакаме, тие не сакаат да ни го дадат, и јас реков: ‘Во ред, довидување.’“
Полскиот вицепремиер Радослав Сикорски подоцна ја сподели таа изјава со коментар: „Примено на знаење.“






