Како што оценуваат авторите, американските аналитичари Роберт Бенсом и Пабло Расмусен, ова нема да биде поклон за фаличните демократии туку најмоќната алатка што Европа ја има на располагање за да го обликува својот пат на развој и да ја заштити сопствената иднина.
Западнобалканската шестка (ЗБ6) и понатаму е заробена во чекалната за членство во ЕУ. Преговорите се до ползење, попречени од заморот од проширувањето во европските престолнини, стравот од имиграција и стравот дека новите членки би можеле да го парализираат веќе бавниот процес на донесување одлуки во рамки на блокот, истакнуваат авторите на текстот.
Во коментарот се оценува дека сегашниот процес на проширување го држи регионот на Западен Балкан во неизвесност. Системот со поглавја и густа мрежа на правни критериуми дава впечаток на напредок, но во пракса го претвори пристапувањето во фарса на „утешни награди за учество“. Лидерите во земјите од Западен Балкан затвораат поглавја, присуствуваат на самити и издаваат соопштенија – а хоризонтот на полноправно членство постојано се намалува, се укажува.
Цената на ова одложување е сè поголема. Младите луѓе масовно заминуваат, сушејќи го регионот од таленти и уривајќи ја средната класа. Судските реформи и борбата против корупцијата губат моментот кога владејачките елити сфаќаат дека членството нема да се реализира за време на нивните кариери, со што фактички се цементираат постоечките структури на моќ. Во исто време, јавната доверба во демократските институции сè повеќе ослабува, хранејќи ги популистичките наративи дека ЕУ никогаш навистина нема намера да ги отвори своите врати, се наведува во коментарот.
Авторите истакнуваат дека Брисел го претставува проширувањето на ЕУ како доказ за трансформативната моќ на Европа, но неуспехот да се исполни го поткопува самото ветување. ЕУ не може веродостојно да проповеда демократија, владеење на правото и отпорност во странство, а во исто време да толерира стагнација во сопственото соседство. Секое прекршено ветување, секоја одложена акција, го еродира влијанието на Унијата – испраќајќи порака до потенцијалните членки дека реформите можеби нема да бидат наградени, а на ривалските сили дека европските ветувања можат безбедно да се игнорираат, истакнуваат Бенсон и Расмусен.
Во текстот се оценува дека лидерите низ регионот, со членството во ЕУ како подвижна мета, играат на повеќе страни.
Србија ги продлабочи енергетските врски со Русија, а во исто време купува кинески системи за надзор. Милорад Додик во Босна отворено ѝ се додворува на Москва, ги блокира реформите и флертува со идејата за отцепување. Во меѓувреме, Кина ја зајакна финансиската зависност на Црна Гора преку заеми во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“, со што доби лост на влијание во земја која е членка на НАТО. Секоја година доцнење им дава на Русија и Кина нови можности да се зацврстат уште подлабоко. Доколку тоа не се заузда регионот ризикува да стане игралиште за злонамерни актери кои ја искористуваат бавната постапка на проширување и сè појасното несогласување меѓу Вашингтон и Брисел околу односите со Русија, се додава.
Одговорноста за оваа тажна состојба не лежи само во Западен Балкан. Системот на ЕУ на поглавја создава привид на аполитичен процес, но лидерите од двете страни на преговарачката маса се добро свесни дека пристапувањето е во суштина политичко прашање.
Националното право на вето историски го попречуваат процесот: Бугарија ја блокираше Македонија поради јазичен спор; Словенија претходно ги користеше билатералните територијални спорови за да го забави пристапувањето на Хрватска; а Виктор Орбан цинично ги користеше своите одобрувања за да го зајакне нелибералниот имиџ на Унгарија, додека ги труејќи односите со другите земји-членки.
Европската унија не може да продолжи да дозволува ваквите тесни интереси да го диктираат темпото на проширување. Третирањето на земјите од Западен Балкан како подредени партнери – во суштина како пиони на европската шаховска табла – само ги зајакнува анти-ЕУ популистите. Во Србија, најразвиената економија меѓу шесте земји од Западен Балкан, поддршката за членство падна на незначителни 33 проценти и покрај живото и растечко студентско протестно движење, велат авторите.
Членовите на ЕУ кои го поддржуваат проширувањето мора јасно да ги повикаат и ограничат оние кои одвнатре го поткопуваат процесот, или ризикуваат да го гледаат како се урива одвнатре, сметаат Бенсон и Расмусен, додавајќи дека ова повеќе не е хипотетичка перспектива.
Војната во Украина ги поттикна лидерите да ги забрзаат преговорите за пристапување со Украина и Молдавија. Тој гест имаше политичка тежина, но во исто време ги зголеми очекувањата во Тирана, Подгорица и во Скопје. Горчливата вистина е дека земјите што се делумно окупирани нема наскоро да станат членки на Унијата. Затоа, Брисел мора да им даде приоритет на кандидатите кои напреднале во процесот, а во исто време да понуди опипливи стимулации – пристап до пазарот, финансирање и можност за послободно движење – на оние што сè уште чекаат на својот ред.
Во коментарот се наведува и дека е постигнат одреден напредок: Планот за раст за регионот од 2023 година предвидува шест милијарди евра грантови и заеми поврзани со реформите. Црна Гора сега се стреми кон влез во 2028 година, а Албанија за 2030 година. Но, тие одредници остануваат еластични, подложни на одложување и честопати се заложници на билатерални спорови. Доколку Брисел не постави вистински рокови и не се осигури дека се почитуваат, проширувањето ќе продолжи да изгледа како подвижна мета, а шесте земји од Западен Балкан на крајот едноставно ќе се оддалечат.
Избегнувањето на такво сценарио бара три чекори. Прво, треба да се направи разлика меѓу кандидатите: Албанија, Македонија и Црна Гора, кои убедливо најмногу напредуваа, заслужуваат појасни услови и бенефиции, додека земјите кои заостануваат треба да ги сносат вистинските последици поради корупцијата.
Второ, на оние што опструираат треба да им се спротивстави со санкционирање на лидерите како Милорад Додик и хрватскиот член на Претседателството на БиХ Драган Човиќ, кои активно работат против европските интереси, а воедно јасно да се стави до знаење дека земјите-членки не можат да го злоупотребуваат процесот на проширување за тесни, себични отстапки.
Трето, треба да се врати политичката сопственост врз процесот: проширувањето не е технократско штиклирање на точки, туку одлука за европските граници и безбедноста.
Западен Балкан нема да чека вечно. Одложувањето ги зајакнува нелибералните актери, ги продлабочува штетните влијанија и ја поткопува вербата во самата идеја за Европа. Забрзаното, диференцирано и политички мотивирано проширување не е подарок за фаличните демократиите – тоа е најмоќната алатка што ѝ е на располагање на Европа за да го обликува нивниот пат на развој и да ја заштити сопствената иднина.
Колку подолго Брисел се двоуми, толку повеќе простор им остава на Москва, Пекинг и Трамп – и толку потешко ќе биде да се задржи регионот на европскиот пат, се заклучува во коментарот.






