вторник, 5 мај 2026

Ердоган: Европејците секогаш наоѓаа причина да нè остават пред вратата

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика Европската Унија да се воздржи од потези и реторика што би можеле да го поткопаат, како што рече, „конструктивниот став“ на Анкара. „Да не се заборави дека Турција повеќе не е онаа старата Турција, ниту пак светот е ограничен на сферата на влијание на западните држави“, порача Ердоган во обраќање до нацијата по седницата на владата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој исто така рече дека ЕУ треба да признае дека не може да биде глобален актер ниту привлечен центар без Турција како полноправна членка. Оцени дека „стратегиската кратковидост“ на Унијата кон Турција „за жал сè уште јасно постои“ во многу европски институции.

„Не е прашање каде стои Анкара, туку каде Брисел се гледа себеси во иднината“, истакна Ердоган, додавајќи дека Европа има потреба од Турција повеќе отколку што Турција има потреба од Европа.

„Утре таа потреба ќе биде уште поголема“, додаде тој. Говорејќи за процесот на пристапување во ЕУ, кој трае од 1959 година, Ердоган предупреди дека Унијата зазела пристрасен став кон турската кандидатура. Истакна дека односите се подобриле од 2015 година, делумно поради миграцискиот бран предизвикан од војната во Сирија, најголем во Европа од Втората светска војна.

Но рече дека ЕУ не успеала да го одржи тој замав поради доцнење, недоволен ангажман и неподготвеност да ѝ ја даде потребната поддршка на Турција по обидот за пуч на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 253 лица. Според него, подоцнежните состаноци не донеле охрабрувачки резултати што би го надминале сегашниот застој или би дале нов поттик на односите меѓу Турција и ЕУ.

И покрај, како што рече, „многубројните двојни стандарди со кои Турција се соочуваше“, Анкара продолжила со напорите за полноправно членство и одржува блиски контакти со институциите на ЕУ и државите членки.

Тој нагласи дека од првата апликација во 1959 година, длабоко вкоренетите предрасуди кон Турција во некои европски кругови никогаш не биле надминати.

„Понекогаш ја напаѓаа нашата демократија, понекогаш ја гледаа нашата економија како закана, понекогаш ширеа страв поради нашето население, а понекогаш ја користеа нашата вера како изговор за исклучување. Но секогаш наоѓаа причина да ја држат Турција настрана, да го забават нејзиниот пат кон членството и да ја остават пред вратата“, се пожали Ердоган.

Додаде дека Турција се променила, се трансформирала и ги зајакнала својата економија и демократија, но пристапот на тие кругови не се променил. За разлика од другите кандидати, Турција, рече тој, морала да се бори и против таквиот начин на размислување.

Повикувајќи се на зборовите на поранешниот претседател Тургут Озал дека Турција поминала не само „долг и тесен пат“, туку и пат „полн со вештачки пречки“, Ердоган рече дека тој пат продолжува и денес. „Не сме земја на која се сеќаваат само кога им е потребна, на чии врати се тропа само во нужда, а во други моменти се оттурнува. Не сме и никогаш нема да бидеме таква земја“, порача тој.

Ердоган додаде дека се гради нов светски поредок во кој се зајакнува регионалната соработка, се појавуваат нови актери, а глобалниот систем брзо преминува во мултиполарен. Нагласи дека Турција е меѓу најсилните држави со потенцијал да стане еден од клучните столбови на тој нов систем.

Тој рече дека Европа се наоѓа на раскрсница: или ќе ја препознае растечката сила и глобалната тежина на Турција како можност за излез од сопствениот застој, или ќе дозволи исклучивата реторика да ѝ ја затемни иднината. Напомена дека Турција очекува европските носители на одлуки да ги напуштат политичките и историските предрасуди и да се насочат кон развој на искрени, реални и рамноправни односи со Анкара.

„Победник од таквиот однос ќе биде европскиот континент, чиј неразделен дел е Турција. Водени од највисоките интереси на нашиот народ, ќе продолжиме по тој пат трпеливо, достоинствено, со чиста совест и крената глава“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ