вторник, 5 мај 2026

Експлозии 1.200 километри длабоко во Русија, погодени објекти важни за руската воена индустрија (ВИДЕО)

Украинските сили во текот на ноќта изведоа обемен напад со проектили и дронови врз повеќе руски региони, при што, според руските Телеграм-канали, биле погодени објекти важни за рускиот воено-индустриски комплекс.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Фотографиите и снимките што локални жители ги објавија на социјалните мрежи наводно прикажуваат пожар во постројката „ВНИИР-Прогрес“ во Чебоксари, во Чувашката Република. Станува збор за државен институт што произведува компоненти за високопрецизно оружје што Русија го користи во нападите врз Украина.

По прогласувањето воздушна тревога поради закана од проектили во тоа подрачје, се слушнале експлозии во близина на објектот. Руските Телеграм-канали наведуваат дека постројката е оштетена од проектил ФП-5 „Фламинго“ од украинско производство.

Жителите подоцна, околу 7:30 по локално време, повторно виделе украински дронови како го погодуваат истиот објект. Гувернерот на регионот Олег Николаев соопшти дека во нападот врз Чебоксари е повредено едно лице.

Според украинскиот Генерален штаб, институтот, кој се наоѓа околу 1.200 километри од украинската граница, развива и системи за електронско војување, вклучително и антени „Комета“ што служат за попречување на сателитски, радио- и радарски сигнали.

Таквите антени се користат во дронови од типот „шахед“, крстосувачките проектили „искандер-К“ и модули за наведувани воздушни бомби — оружје што Русија го користи за напади врз воени и цивилни цели во Украина.

Подоцна во текот на утрото, украинската војска наводно извела и напад врз рафинерија за нафта во Кириши, позната како „КИНЕФ“, една од најголемите во Русија според капацитетот за преработка. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, прво извести за напад во неодредена индустриска зона во Кириши, а потоа потврди дека главната цел била рафинеријата.

Системот за следење пожари „ФИРМС“ на НАСА регистрирал повеќе пожари во подрачјето на рафинеријата, што ги поткрепува тие тврдења, а на социјалните мрежи се појавија и фотографии со чад од постројката.

Рафинеријата во Кириши е една од трите најголеми во Русија, со годишен капацитет од околу 20 до 21 милион тони сурова нафта. Таа произведува повеќе од 6% од вкупното количество рафинирани нафтени деривати во Русија, вклучително и гориво што го користи војската.

Дрозденко исто така наведе дека над Ленинградската област биле соборени 29 дрона. И рафинеријата и институтот и претходно биле цел на украински напади.

Нападите се дел од поширока операција во чии рамки се пријавени експлозии и на окупираниот Крим, како и во руските градови Воронеж и Казан. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави дека се соборени пет дрона што се приближувале кон руската престолнина.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека вкупно се соборени 289 дронови над различни руски региони. Поради нападите, најмалку 18 руски аеродроми привремено го прекинале сообраќајот, додека тревоги биле прогласени и во региони оддалечени до 2.000 километри од руско-украинската граница.

Украинската војска засега не се огласи официјално, а размерите на штетата сè уште не се целосно јасни. Украина редовно спроведува напади со дронови врз воени и индустриски цели во Русија.

Проектилот „фламинго“, кој го произведува контроверзната компанија „Фајр поинт“, Украина го користи од минатото лето, првично во ограничен број случаи, но неговата употреба е почеста од ноември 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно го нарече „најуспешниот проектил“ на Украина. Станува збор за домашно развиено оружје со боева глава од 1.000 килограми и дострел од околу 3.000 километри.

Најновиот голем напад следуваше еден ден откако украински дрон погоди станбена зграда во Москва, седум километри западно од Кремљ и Црвениот плоштад, и три километри од зградата на руското Министерство за одбрана.

Тоа беше еден од најдлабоките удари врз станбен дел од центарот на Москва од почетокот на руската инвазија, и се случи помалку од една недела пред воената парада по повод Денот на победата на 9 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ