УСС Тракстан и УСС Мејсон, со поддршка од хеликоптери Апачи и други воздухоплови, биле цел на координирани ирански напади за време на преминот, објави Си-би-ес њуз повикувајќи се на американски претставници.
И покрај интензитетот на нападот, ниту еден брод не бил погоден, се наведува во извештајот.
Два трговски брода под американско знаме исто така успешно поминале низ теснецот, соопшти Централната команда на американската војска, во рамките на иницијативата „Проект слобода“ што американскиот претседател Доналд Трамп ја најави во неделата.
Иран претходно ги предупреди американските сили дека ќе ги нападне ако влезат во теснецот, во време на кревко примирје меѓу двете земји.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека „не постои воено решение за политичката криза“, предупредувајќи ги САД на можност за ескалација во Ормускиот теснец и истакнувајќи „напредок“ во мировните преговори.
Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел на 28 февруари почнаа напади врз Иран, што предизвика одмазда од Техеран против Израел и американските сојузници во Заливот, како и затворање на Ормускиот теснец.
Примирјето стапи во сила на 8 април со посредство на Пакистан, но преговорите во Исламабад не доведоа до траен договор. Подоцна американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи примирјето без утврден рок.
Од 13 април, САД спроведуваат поморска блокада насочена кон иранскиот сообраќај во Ормускиот теснец.






