вторник, 14 април 2026

Додик жали за поразот на Орбан; „Беше гласот на разумот“

Милорад Додик, претседателот на партијата Алијанса на независни социјалдемократи и поранешен претседател на Република Српска, изрази жалење за изборниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија, нагласувајќи дека Орбан бил и останува негов пријател. Додик најави дека сака што поскоро да се сретне со поранешниот унгарски премиер за да разговара за понатамошните чекори, пишува босански Кликс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додик верува дека со својот потег по изборите Орбан ги поби обвинувањата против него. „Уште првиот ден тој покажа дека бројните обвинувања за диктатурата што му се припишуваат се лажни, бидејќи ги призна резултатите од изборите и ја спроведе транзицијата на власта без никакви ограничувања“, кажа Додик.

Додик нагласи дека народот на Република Српска ќе му остане благодарен на Орбан за она што го направи, а пред сè за „разбирањето на нивната позиција“.

„Тука на некој начин секогаш сме биле сами, со исклучок на Србија и Русија, а против себе го имавме и неолибералниот свет против нас. Орбан беше гласот на разумот. Сакам што поскоро да се сретнам со него и да разговараме за тоа како да продолжиме“, кажа Додик.

Коментирајќи ги проектите на Република Српска и Унгарија, Додик кажа дека сите тие биле договорени со владата на Виктор Орбан и дека значаен дел од нив веќе се спроведени.

„Доколку има прекин, тоа ќе биде еднострана одлука од унгарска страна. Ќе продолжиме ако е можно. Ако не, живеевме без тоа и пред пет или шест години“, заклучи Додик.

Владата на Орбан постојано ѝ помагаше на владата на Додик во клучни моменти, и финансиски и преку лобирање. Со поразот на изборите Додик изгуби важен политички сојузник.

Во периодот кога Додик избегнуваше да биде приведен во Босна и Херцеговина, унгарските медиуми објавија дека Орбан испратил специјална полициска единица во Босна и Херцеговина, која имала задача да го префрли во Унгарија доколку е потребно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ