среда, 19 ноември 2025

Додик за турските дронови за Косово: Што е следно: Оружје кое Бошњаците ќе го нишанат против нас и Хрватите?

Доскорешниот претседател на Република Српска Милорад Додик го изрази своето незадоволство од веста дека Турција му испорачала борбени дронови „скајдагер“ на Приштина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кога Турција испраќа беспилотни летала на Балканот, прекинува лагата за пријателство и добри односи и испраќа порака за неоотоманизам. Испраќањето оружје на таканареченото Косово не е чин што промовира мир, туку чин на отворено непријателство.

Испораката на камиказе дронови во Приштина не е соработка, туку брутална закана за Србија и Србите, и поддршка на Аљбин Курти во изборната кампања, како главен експонент на антисрпската политика, буквално за да им се заканува на Србите.

Тоа е флагрантно кршење на меѓународното право и Резолуцијата 1244, и обид на Косово да се обнови менталитетот на поранешниот Косовски вилает, политички проект чија цел не беше само да ги држи Србите подалеку од Косово, туку и да ги снема каде што постоеле со векови“, предупреди Додик на социјалната мрежа Икс.

„Затоа политиката на претседателот Вучиќ за постојано зајакнување на српските оружени сили е единствената правилна. Време е да престанеме да веруваме во декларативните изјави на Турција за соработка со сите народи во Босна и Херцеговина. Очигледно е дека станува збор за желба за соработка само со еден.

Дали следниот чекор е испорака на оружје на Бошњаците во БиХ, кое би го впериле против Србите и Хрватите? Србите во Република Српска треба внимателно да го следат доставувањето на беспилотни летала на Косово, бидејќи ова не е порака само за Србија, туку и за сите оние кои не ја прифаќаат политиката на покорност во Босна и Херцеговина.

Кога оружјето се дистрибуира селективно, а мирот се проповеда декларативно, тогаш тоа не е дипломатија – тоа е стратегија на притисок. И затоа Србите повеќе немаат луксуз да се лажат себеси – во овие времиња, најважниот сојузник е единството“, истакна тој.

Косовскиот премиер Аљбин Курти во средата објави дека Турција испорачала дронови „скајдагер“ на Косово пред предвидениот рок.

„Ова се борбени беспилотни летала опремени со експлозивни направи со цел да погодат подвижни и статични непријателски цели. Со купувањето на овој контингент беспилотни летала, покрај беспилотните летала „бајрактар ​​ТБ2“ и „пума“, продолжуваме да ја зголемуваме ударната моќ на нашата армија со цел да изградиме способна и кохерентна сила со нови технолошки достигнувања и модерни тактики на војување“, изјави Курти.

Вучиќ веднаш реагираше на вестите од Приштина, порачувајќи дека е „згрозен од гестот на Турција“ и упорното вооружување на Приштина. „Згрозен сум од однесувањето на Турција и бруталното кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина“, кажа Вучиќ.

На Анкара ѝ префрли дека не ѝ е грижа за безбедноста на регионот. „Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува повторно да ја обнови Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние ги разбираме нивните вистински намери“, истакна Вучиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ