петок, 14 ноември 2025

Американската војска ја засилува оперативната команда над борбата против наркотиците во Јужна Америка

Пентагон соопшти дека формира нова здружена работна група за борба против наркотици за надгледување на операциите во Јужна Америка – потег насочен кон зајакнување на веќе интензивираните воени активности, но кој отвори прашања меѓу правните експерти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави Пит Хегсет кажа дека целта на работната група е да „ги разбие картелите, да го сопре отровот и да ја заштити Америка“.

„Пораката е јасна: ако се обидете да шверцувате дрога на нашите брегови, ние ќе ве сопреме без милост“, напиша Хегсет на социјалната мрежа Икс.

Уништување на сомнителни бродови за дрога

Досегашните мисии беа фокусирани исклучиво на напади врз сомнителни бродови за транспорт на наркотици во водите на Карибите. Американската војска досега уништи најмалку четири такви бродови, при што загинаа 21 лице, објавува Ројтерс.

Јужната команда на американската војска, која ги надгледува воените операции во Јужна Америка, соопшти дека новата работна група ќе биде командувана од Втората експедициска единица на маринците, моќна формација способна за брза интервенција во странство со седиште во Камп Лежун во Северна Каролина.

Според соопштението, единицата ќе „ги хармонизира и зајакне напорите за борба против наркотици низ целата западна хемисфера“.

„Со формирање на работна група околу командниот штаб на Втората експедициска единица на маринците, ја зголемуваме нашата способност побрзо и подлабоко да ги откриваме, попречуваме и прекинуваме мрежите за нелегална трговија со дрога, заедно со американските и партнерските сојузници“, кажа адмиралот Алвин Халси, командант на Јужната команда.

Не е јасно дали формирањето на оваа работна група им дава на американските трупи во Јужна Америка дополнителни овластувања, во време кога претседателот Доналд Трамп ја разгледува можноста за напад врз осомничени објекти за трговија со дрога во Венецуела.

Генерал-потполковникот на маринците Калверт Ворт, кој ја предводи Втората експедициска единица и ќе ја предводи работната група, во изјава истакна дека фокусот останува на поморските операции.

„Ова е првенствено поморски напор, а нашиот тим ќе користи поморски патроли, воздушен надзор, прецизни пресретнувања и споделување разузнавачки информации за да го потисне нелегалниот сообраќај, да го одржи спроведувањето на законот и подобро да ги заштити ранливите заедници во татковината“, кажа Ворт.

Прашања за легалноста на нападот

Нападите предизвикаа загриженост кај демократските конгресмени и правните експерти, кои веруваат дека Трамп ги тестира границите на законот со проширување на досегот на претседателските овластувања, пишува Ројтерс.

Администрацијата не откри докази против бродовите или поединците, не прецизираше какви видови оружје или платформи биле користени во нападите, ниту пак го соопшти количеството наркотици кое бродовите наводно го носеле.

Некои поранешни воени правници наведуваат дека правните оправдувања на администрацијата на Трамп за убивање на осомничени шверцери на море, наместо нивно апсење, не ги исполнуваат условите на правото на војување, кое бара пред употреба на смртоносна сила. да се користат ненасилни мерки – како што се предупредувачките истрели.

Правните експерти го поставуваат и прашањето зошто американската војска ги спроведува нападите, а не Крајбрежната стража, која е главната агенција за спроведување на поморскиот закон во САД.

Минатата недела Пентагон во известување до Конгресот – во документ во кој имал увид Ројтерс – наведе дека Трамп заклучил дека Соединетите Држави се вовлечени во „неинтерен оружен конфликт“.

Целта на документот е да го објасни правното образложение на администрацијата за употреба на американската воена сила во Карипско Море.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ