Македонската Дејвис Куп репрезентација ги дозна своите ривали во рамките на натпреварите од Третата Европска група. По поразот од Кипар на почетокот на годината, нашите тенисери добиваат нова можност за пласман во Втората Светска група, благодарение на новиот формат на натпреварување.
Турнирот ќе се одржи во Кишињев, Молдавија, каде ќе настапат осум репрезентации поделени во две групи од по четири тима. Македонија е сместена во групата Б, заедно со Грузија, Косово и домаќинот Молдавија. Во групата А ќе се натпреваруваат Ирска, Летонија, Црна Гора и Азербејџан. Македонија својот прв натпревар го игра утре, во среда, против Молдавија.
По три одиграни кола во групната фаза, двете првопласирани репрезентации од секоја група ќе играат за првото место во сабота. Овие две екипи автоматски обезбедуваат промоција во повисок ранг. Второпласираните тимови од групите ќе се борат за третото место, а победникот од тој дуел исто така ќе избори пласман во Втората Светска група.
Репрезентациите кои ќе завршат на третото и четвртото место во своите групи ќе играат меѓусебно за опстанок во Третата Европска група (А3 против Б4 и А4 против Б3). Победниците од овие дуели ќе го задржат својот статус, додека поразените ќе испаднат во понизок ранг.
Македонија на овој Дејвис Куп турнир ќе биде претставена од тенисерите Калин Ивановски, Амар Хусеиновиќ, Кристијан Јанев и Олег Приходко. Селектор на репрезентацијата е Горан Шевченко.






