Словенија на своето деби на кошаркарскиот олимписки турнир дојде на чекор до медал. Утрово, избраниците на Александар Секулиќ прикажаа нова одлична партија и ја прегазија Германија со 94-70.
„Панцерите“ пружаа отпор само до средината на втората четвртина, со серија од 6-18 стигнаа до предност од 31-32, но Словенија го подигна нивото на игра, на пауза замина со пулс седум (44-37) и потоа беше меч во една насока.
Во продолжението, Словенија го полнеше кошот на противникот, Германија се распадна тотално во завршните 10 минути за убедливи 24 поени разлика (94-70).
Лука Дончиќ мечот го заврши со 20 поени, 11 асистенции и 8 скокови, малку фалеше ѕвездата на Далас да стигне до трипл-дабл. Зоран Драгиќ беше најдобар поединец со 27 поени, а одлична поддршка беше Тобеј со дабл-дабл учинок (13 поени и 11 скокови).
Ло и Гифи со 11 односно 10 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Германија.






