Натпревар за паметење, актуелниот Светски шамапион, Франција нема да може да ги обедини круните, испадна уште во осминафиналето и тоа од Швајцарија.
Французите беа огромни фаворити во оваа пресметка, но Швајцарија направи вистинска сензација, најголемата до овој момент на Европското првенство.
Резултатот беше отворен рано, по само 15 минути игра Сеферовиќ постигна гол за водство на Швајцарија од 1-0.
Водството на Швајцарците не ја разбуди Франција, во 55. минута беше досуден пенал за Швајцарија, но Родригез биеше лошо и Хуго Лорис го одбрани неговиот удар.
Промашениот пенал ги крена Французите, по само две минути подоцна Бензема го изедначи резултатот на 1-1, а веќе во следната акција тој погоди и за комплтен пресврт и водство од 2-1.
Во 75. минута Погба постигна прекрасен гол од далечина за 3-1, во тие моменти се чинеше дека е решен победникот, но не беше така.
Во 81. минута Сеферовиќ постигна уште еден гол за 3-2. Погодок кој ја врати Швајцарија во игра.
Швајцарците со сите сили тргнаа кон тој трет погодок и дојдоа до него, во 90. минута Гаврановиќ постигна мајсторски гол за 3-3. И овој меч отиде во продолженија.
Во дополнителните 30 минути немаше голови, па пеналите го решаваа победникот.
Сите изведувачи погодија се до последниот, Мбапе не реализираше по што можеше да почне големото славје на Швајцарија.
Франција беше најголем фаворит за титулата на Европското првенство, но неочекувано ги пакува куферите многу порано отколку што можеше да замисли.
Швајцарија во четвртфиналето ќе игра против Шпанија која претходно со 5-3 ја совлада Хрватска.






