Минатиот месец, Њукасл стана најбогатиот клуб во светот откако конзорциум предводен од Саудиска Арабија ја превзеде сопственоста од Мајл Ешли. Ваквиот развој на настаните не им се допадна на останатите Премиерлигаши, па тие веќе поставија неколку сопки.
Според пишувањата на Телеграф, ривалите продолжуваат да работат заедно против Њукасл и се договориле да не им продаваат или позајмуваат фудбалери во јануари. Се очекува популарните „чавки“ да го одврзат ќесето во зимскиот преоден рок и да донесат неколку засилувања со кои ќе си ги зголемат шансите за опстанок.
Њукасл се поврзува со имиња како Исмаила Сар, Џеси Лингард, Џејс Тарковски и Рос Баркли, но останува да се види дали ќе успеат да договорат некого од овие играчи или клубовите ќе останат доследни на пактот и мотото „На било кого, само не на Њукасл“.
Телеграф додава дека Премиерлигашите се надеваат дека Њукасл ќе заврши во втора лига и ова малку ќе го забави планот на новите сопственици да го направат клубот еден од најдобрите во Англија и Европа.






