Македонија на 24. март ќе гостува на Италија во полуфиналниот бараж натпревар за Светското првенство во Катар.
Се очекуваше дека дуелот ќе се игра на Олимпико во Рим, но Италијаните се одлучија натпреварот да се случи во Сицилија, на жешкио терен во Палермо.
Стадионот „Ренцо Барбера“ бил желба и на Роберто Манчини, открива претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина.
„Се состанавме со Роберто Манчини и заедно донесовме одлука мечот да се игра во Палермо. Почнуваме нова фаза и сакаме тој почеток да биде од Палермо. Сакаме за овој настан да биде инволвиран градот Палермо“, вели Габриеле Гравина.
Палермо е градот каде Италија остварувала одлични резултати во минатото. Азурите таму имаат одиграно 15 натпревари, од нив победиле на 13, еднаш одиграле нерешено и имаат еден пораз. Последниот меч на „Ренцо Барбера“ им беше во ноември 2019 против Ерменија кога победија 9-1.
Очигледно луѓето од федерацијата и Манчини сакаат да ја искористат силната пасија на Сицилијанците и да создадат атмосфера која ќе им даде дополнително гориво на нивните фудбалери.






