Изминатиов период, една од главните теми за дебата во светската јавност е статусот на Новак Ѓоковиќ, односно дали Србинот има примено вакцина против ковид-19 и дали тој ќе може да настапи на Австралија опен откако властите во оваа земја донесоа одлука според која на нивна територија можат да стапнат само тие што се целосно имунизирани.
Синоќа беше објавен списокот со учесници на првиот грен-слем во 2022 и на него се најде името на Новак Ѓоковиќ.
Со оглед на тоа дека останува мистерија дали Србинот е вакциниран или не, веднаш се појавија низа шпекулации. Се говореше дека најдобриот светски тенисер ќе бара „дупки“ во правилата, односно без вакцина да влезе во Австралија со помош на правото за медицински исклучок.
Се говореше дека австралиските тениски челници му помагаат на Новак Ѓоковиќ без вакцина да настапи во Мелбурн, но веднаш стигна демант и порака дека сите тенисери и нивниот персонал мораат да бидат вакцинирани.
„Сите сугестии дека бараме ‘дупки’ во правилата се невистинити. Секое барање за медицински исклучок го разгледуваат независни медицински експерти и тие решваат. Ние не можеме, ниту пак сакаме да влијаеме на овој процес“, порачаа од организацијата.






