Пентагон потврди дека презел чекори за решавање на проблемот. Според Фајненшл Тајмс, кој прв ја објави приказната, холандскиот претприемач Јоханес Зурбиер го идентификувал проблемот пред повеќе од 10 години. Од 2013 година, склучен е договор за управување со државниот домен на Мали, а во последните месеци, наводно, собрал десетици илјади погрешно насочени е-мејлови.
Ниту една од пораките не била класифицирана како доверлива, но новинарите рекоа дека спорните пораки вклучувале медицински информации, мапи на американски воени објекти, финансиска евиденција и планови за службени патувања, како и некои дипломатски пораки. Зурбиер напишал писмо до американските официјални лица претходно овој месец за да ги предупреди.
Тој истакна дека неговиот договор со владата на Мали наскоро треба да истече, што значи дека „ризикот е реален и може да биде искористен од американските противници“. Воената влада на Мали во понеделник треба да ја преземе контролата врз доменот.
Американските воени комуникации означени како „класифицирани“ и „строго доверливи“ се пренесуваат преку одделни ИТ системи поради кои е мала веројатноста дека ќе бидат случајно загрозени, велат поранешни и сегашни американски претставници.
Стивен Странски, адвокат кој претходно работел како висок советник во Одделот за разузнавачко право при Министерството за домашна безбедност, сепак, истакна дека дури и навидум неопасните информации може да се покажат корисни за американските противници, особено ако вклучуваат детали за поединечен персонал.
„Таков вид на комуникација би значело дека странски актер може да почне да гради досиеја за нашиот воен персонал, за шпионски цели, или би можел да се обиде да ги натера да откриваат информации во замена за финансиска добивка. Тоа секако е информација што странска влада може да ја користи“, објасни тој.
Професорот за информатички студии на Универзитетот Сиракуза, Ли Мекнајт, смета дека американската војска имала среќа дека ѝ бил посочен проблемот и дека е-мејловите оделе на домен што го користи владата на Мали, а не сајбер-криминалци. Тој додаде дека сајбер криминалот насочен кон корисници кои погрешно пишуваат интернет домен е честа појава.
„Тие се надеваат дека лицето ќе погреши и дека ќе може да ве намамат“, рече тој. Портпаролот на американското Министерство за одбрана рече дека се свесни за проблемот и сериозно го сфаќаат. Тој истакна дека одделот презел чекори за да се осигури дека мејловите не се испраќаат на погрешни домени, вклучително и нивно блокирање пред заминување и известување на испраќачите дека мора да ги потврдат примателите.





