На конференцијата ќе присуствува претседателот на Европската федерација за развивање на видео игри, Јари-Пека Калева, врвни говорници и спикери, а повеќе од 30 инди студија ќе ги претстават своите игри во Indie Zone делот, нудејќи преглед на следниот бран на креативци. Панелите и работилниците посветени на продукција ќе опфатат теми кои се насочени кон раст на екосистемот и бизнисот на развивање видео игри.
Како што најавија организаторите, на конференцијата е предвидено и обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков како и претставник на Western Balkans Fund.
„Конференцијата има цел да отвори ново поглавје на македонската сцена за развивање видео игри. Како се уште недоволно истражен регион за креативност и талент, земјава има огромен потенцијал, а GDR25 е дизајнирана на студентите, младите креативци и професионалците да им обезбеди мотивација, насоки, контакти, па дури и самодоверба за да се впуштат и напредуваат во индустријата за развивање видео игри“, стои во соопштението на организаторите.
GDR2025 е поддржана од Министерството за култура и туризам, Western Balkans Fund програмата како и организации посветени на развојот на дигиталната креативност.






