„Коларевиќ и Абази не ја прекинале истрагата затоа што немало сомнежи и докази, туку затоа што поради лични и семејни релациии одлучиле да штитат моќници блиски до СДС и ДУИ. Скандалозно е што обвинителството дел од доказите за кривичната одговорност неосновано ги иземало како изговор за прекинување на постапката, а истовремено не обезбедило ниту распит на Васко Ковачевски. Тоа не е правда, туку свесно компромитирање на постапката“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, приговорот на ЕСМ отвора сериозна можност истрагата повторно да се активира и конечно да се утврди кој го оштетил државниот буџет и во чиј интерес се носеле вакви срамни обвинителски одлуки.
„Приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот Мазут и за корекција на ова контроверзно решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази. Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем, којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски. Обвинителството мора да одлучи дали ќе биде сервис на политички и бизнис-центри на моќ на СДС и ДУИ, или институција што гони криминал. Секој што учествувал во незаконитости мора да одговара“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.






