Јапонската компанија Сајенс Корпорејшн ја претстави Мираи Нинген Сентакуки, односно футуристичка машина за миење луѓе и ја изложи во рамки на павилјонот Осака Хелткејр на светската изложба Осака-Кансaј Експо 2025.
Овој необичен концепт има за цел да го промени традиционалниот начин на одржување на хигиената и да ги воведе луѓето во нова ера во која и телото и умот се чистат истовремено.
Машината за перење на луѓе, всушност е монументална капсула со ниско седиште. Откако корисникот ќе седне внатре, покривот се спушта и капсулата целосно се затвора. Екранот почнува да прикажува релаксирачки сцени – како што се слики од подводниот свет или зајдисонца придружени со смирувачка музика.
Капсулата постепено почнува да се полни со топла вода и ултрафин сапун до ниво на градите, миејќи го корисникот. Потоа таа вода се испушта, а млазниците распрскуваат чиста вода за да ја измијат пената и нечистотијата.
Целиот процес на чистење на телото трае само неколку минути и не бара никаква акција од лицето што се наоѓа внатре.
Процесот е автоматизиран со помош на вештачка интелигенција. Прецизни сензори во капсулата постојано го мерат нивото на водата, температурата и протокот за да обезбедат максимална удобност за корисникот.
Производителите истакнуваат дека машината за перење луѓе ја минимизира потрошувачката на вода за капење и содржи интелигентни решенија за рециклирање и филтрирање на водата. Оние кои досега ја пробале се воодушевени од новиот концепт за капење.






