Некои научници сега разгледуваат една интригантна можност – ако постојат вонземјани, нивната технологија може да e само маргинално подобра од нашата, а откако некое време го истражувале своето космичко соседство, едноставно им здодеало и престанале да се грижат, што го отежнува нивното откривање, пренесува Гардијан.
Сценариото, опишано во нов труд од д-р Роберт Корбет, сега објавен на серверот арИксив, го прифаќа принципот на „радикална обичност“ и ја отфрла идејата за вонземјани кои патуваат низ универзумот и совладале технологија надвор од нашето разбирање. Наместо тоа, истражувачот од Универзитетот во Мериленд во Балтимор ја поставува можноста дека Млечниот Пат е дом на скромен број цивилизации со технологија не многу поимпресивна од нашата.
„Идејата е дека тие се понапредни, но не многу понапредни. Тоа е како да имате ајфон 42 наместо ајфон 17. Ова изгледа поверојатно, поприродно, затоа што не предлага ништо екстремно“ рече д-р Робин Корбет.
Тој дошол до оваа хипотеза разгледувајќи ги објаснувањата на истражувачите за „големата тишина“ или Фермиевиот парадокс, несовпаѓањето помеѓу недостатокот на убедливи докази за вонземјански цивилизации и веројатноста за нивно постоење во огромен и стар универзум.
Повеќето од теориите му изгледале егзотични на Корбет. Можеби вонземјаните биле премногу напредни за да бидат откриени? Можеби Земјата била космичка зоолошка градина што вонземјаните се согласиле да ја остават на мира? Можеби Земјата била единствениот дом на живот во галаксијата?
„Потрагата по вонземјанска интелигенција (СЕТИ) се фокусира на откривање на „техно-потписи“. Напредните цивилизации би можеле да го рекламираат своето постоење со градење моќни ласерски светилници што можат да се видат од други планети. Тие би можеле да бидат откриени со испраќање роботски сонди низ галаксијата или со градење огромни структури во вселената за да се искористи енергијата на нивната ѕвезда. Тие дури би можеле да посетат други планети или да расфрлаат артефакти низ галаксијата. Сето ова би можело да ги направи видливи.
Но, принципот на „радикална обичност“ вели поинаку. Тој ја објаснува „големата тишина“ со тоа што сугерира дека вонземските цивилизации достигнуваат технолошко плато недалеку над нашите можности.
„Тие немаат способност да летаат побрзо од светлината, немаат машини базирани на темна енергија или темна материја, ниту црни дупки. Тие не користат некои нови закони на физиката“, рече Корбет.
Ако тоа беше случај, вонземските цивилизации би се мачеле да одржуваат моќни ласерски светилници милиони години. Тие немаше да се тркаат меѓу планетите. И откако ќе ја истражат галаксијата со роботски сонди, можеби ќе им здодеат информациите испратени назад и ќе се откажат од истражувањето на вселената.
На писателот на научна фантастика, Артур Ц. Кларк, му се припишува цитатот: „Постојат две можности: или сме сами во универзумот или не сме. И двете се подеднакво застрашувачки“.
Корбет, чија работа сè уште не е рецензирана од колеги, верува дека вистината лежи некаде помеѓу „во еден прилично обичен и помалку застрашувачки универзум“. Контактот, додава тој, „можеби малку ќе нè разочара“.
Професорот Мајкл Гарет, директор на Центарот за астрофизика „Џодрек Бенк“, уживал во „свежата перспектива“, но изрази резервираност.
„Делото проектира многу човечка апатија врз остатокот од космосот. Тешко ми е да поверувам дека целиот интелигентен живот би бил толку униформно здодевен“, рече тој.
Тој додаде дека каква било технолошка платформа би можела да биде далеку над нашето ниво.
Во трудот, кој ќе биде објавен во списанието „Акта Астронаутика“, Гарет ја поддржува втората теорија.
„Јас сум склон кон авантуристичко објаснување на Фермиевиот парадокс: дека другите, пост-биолошки цивилизации се развиваат толку брзо што ја избегнуваат нашата способност да ги перципираме. Се надевам дека сум во право, но може многу да грешам. Природата секогаш има изненадување за нас зад аголот“, рече тој.
Професорот Мајкл Боландер, експерт за политика и право на СЕТИ на Универзитетот Дарам, рече дека доказите можеби веќе стигнале до нас во форма на необјаснети воздушни феномени.
„Доколку за само мал процент од тие објекти се утврди дека не се направени од човечка рака, а способностите покажани во бројни набљудувања барем сугерираат состојба на напредок далеку над моментално јавно познатата технологија, тогаш на Ферминото прашање „Каде се сите?“ може да се одговори емпириски“ рече тој.






