петок, 22 мај 2026

ЗНМ предупредува, без стабилно финансирање, реформите во МРТ ќе останат само на хартија

Недостатокот на стабилно и предвидливо финансирање претставува една од најголемите пречки за спроведување на суштински реформи во Македонската радио-телевизија (МРТ), предупредија претставници на медиумската заедница на отворената седница на Програмскиот совет на јавниот сервис, каде што се разговарало за иднината на МРТ, нејзините развојни приоритети и потребата од модернизација, соопшти Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). .

Објавено на

часот

Сподели

Во фокусот на дискусијата била одлуката на Владата за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои како основа за пресметка на средствата би се земала 2023 година, а не претходната година како што е предвидено во постојното законско решение. Според ЗНМ, ваквиот пристап може да има негативен ефект врз финансирањето на Македонската радио-телевизија (МРТ), Македонска радиодифузија (МРД) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) предупредија дека секоја законска измена што директно влијае врз финансирањето на јавниот сервис мора да биде транспарентна и подготвена во консултација со сите засегнати страни.

„Намалување на буџетската основа без јавна расправа и без вклучување на Програмскиот совет, медиумските организации и институциите создава ризик реформите да останат само декларативна заложба“, посочуваат од ЗНМ.

Според здружението, без соодветна финансиска поддршка не може реално да се очекуваат нови вработувања, кадровско подмладување, дигитализација на архивата, технолошка модернизација и развој на нови платформи.

„Стабилното и предвидливо финансирање е предуслов за независен, професионален и модерен јавен сервис. Без соодветни средства не може реално да се очекуваат нови вработувања, кадровско подмладување, дигитализација на архивата, технолошка модернизација, развој на нови платформи, подобрување на условите за работа и зајакнување на дописничката мрежа“, велат од ЗНМ.

Како што се наведува во соопштението на ЗНМ, претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Давор Пашоски, истакнал дека јавниот сервис има потреба од нов закон, ревидиран Етички кодекс и подлабоки реформи што ќе овозможат подобрување на работата и поголема соработка со меѓународните организации.

Новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски, пред присутните ги претставил клучните насоки од својата програма, нагласувајќи дека без силен јавен сервис нема ниту силен медиумски простор во државата.

Тој посочил дека МРТ се соочува со сериозен пад на бројот на вработени — од околу 2.000 во минатото, на околу 600 денес — како и со неповолна старосна структура и проблеми со условите за работа. Ристоски најавил финансиска анализа, нови вработувања, дигитализација на архивата, развој на нова дигитална платформа и обуки за новинарите и другите вработени.

На седницата се обратил и претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој порачал дека МРТ треба да биде лидер во реформите во медиумскиот сектор и пример за професионалност, технолошки развој и заштита на јавниот интерес.

„Јавниот сервис треба да поставува стандарди за професионалност, технолошки развој, кадровски иновации и заштита на јавниот интерес, при што реформите треба да го зачуваат и дополнително да го развијат плурализмот на содржини што МРТ го има воспоставено низ годините. ЗНМ постојано се залага за подобра законска рамка за функционирањето на јавниот сервис, вклучително и за отворање дебата за посебен закон за МРТ. Во идните законски решенија треба јасно да се дефинира статусот на новинарите и креативниот кадар, кои не треба да се третираат како јавна администрација, бидејќи тоа го усложнува процесот на вработување и професионален развој. Важен е и развојот на мрежа на локални дописници со редовни работни договори и соодветна инфраструктура, како и потребата јавниот сервис да размислува и за дописници од странство, имајќи предвид дека ова е реална потреба која комерцијалните медиуми тешко можат самостојно да ја покријат“, рекол Чадиковски.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, предложил конкретна соработка меѓу ЗНМ и МРТ, вклучително и поддршка за ревизија на Етичкиот кодекс, подготовка на нов стратешки план и бесплатни обуки за новинарите преку Тренинг академијата на ЗНМ со поддршка на Делегацијата на Европската Унија.

Воедно, Секуловски информирал дека ЗНМ наскоро ќе упати покана до МРТ за вклучување во нова иницијатива поддржана од УНДП, насочена кон зајакнување на информацискиот интегритет и воспоставување поширока соработка меѓу институциите, медиумите и граѓанските организации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ