вторник, 21 јули 2026

За амбасадорот Дмитриј Зиков влегувањето на Македонија во „Коалицијата на волонтерите“ е антируски чин

Амбасадорот на Русија во Македонија, Дмитриј Зиков, смета дека пристапувањето на Скопје кон „Коалицијата на волонтерите“ е антируски чин. На 13 јули во Париз се одржа состанокот на „Коалицијата на волонтерите“, за време на кој на овој отворено антируски проект се приклучија властите на Северна Македонија. Овој потег, генерално, природно се вклопува во официјалната линија на Скопје во последните години. Сепак, овој факт е разочарувачки. Она што се случи на 13 јули, благо речено, во никој случај не може да се нарече „пријателски“ потег, се вели во коментарот на амбасадорот Зиков за руската новинска агенција ТАСС.

Дмитриј Зиков

Објавено на

часот

Сподели

„Од малиот број на вести за оваа тема би можело да се добие впечаток дека посетата била повеќе за учество во прославите на Националниот празник на Франција. Сепак, овој впечаток е погрешен. Северна Македонија презеде многу сериозни антируски обврски.

Русија постојано нагласуваше дека распоредувањето на воени контингенти од ‘коалицијата на волонтерите’ во Украина е неприфатливо, бидејќи тоа ќе се смета за странска интервенција, а овие единици ќе станат легитимни воени цели.

Нашата земја е отворена за дипломатско решавање на кризата, што вклучува елиминирање на нејзините суштински причини. Пристапувањето на Северна Македонија кон ‘коалицијата на волонтерите’ не придонесува за мировните напори, без разлика колку основачите на овој антируски клуб’ би сакале да ги убедат сите во спротивното.

Можеме да бидеме сигурни дека учеството во ескалирањето на тензиите во Европа апсолутно не им одговара на националните интереси на Северна Македонија. Освен тоа, мнозинството граѓани имаат позитивен став кон Русија и го сметаат нашиот народ за близок. Очигледен е економскиот товар од финансирањето на воените операции на украинските вооружени сили, кои не запират во терористичките напади врз цивилното население на Русија, како што беше ужасниот удар врз колеџот во Старобељск.

Очигледно е дека единствените што имаат корист од ова се креаторите на ‘иницијативата’. Јасно е дека се продолжува практиката на „принуда“ која се користи врз балканските држави од страна на „колективниот Запад“ за цел остварување на своите себични интереси. Лидерите на „европската партија за војна“ се заинтересирани да ја демонстрираат наводно широка поддршка за киевскиот режим на сметка на нови други држави.

Уште еднаш ја нагласуваме отвореноста на Русија за конструктивна кооперација со сите заинтересирани страни врз основа на меѓусебно почитување и заедничко разгледување на интересите, во услови на откажување од антируски дејствија, вклучително и со Северна Македонија. Уверени сме дека јавноста во оваа земја ја разбира деструктивноста на агресивното ескалирање на тензиите во Европа од страна на Западот и дека локалните граѓани имаат избалансиран став за односите меѓу нашите блиски народи“, напиша амбасадорот Зиков.

„Коалиција на волонтерите“ (Coalition of the Willing), е неформална меѓународна коалиција на држави што доброволно сакаат да учествуваат во поддршката на Украина и во идните безбедносни аранжмани за Украина. Во коалицијата се вклучени европски држави и други сојузници кои се подготвени да дадат конкретен придонес – воена, финансиска, логистичка или друга поддршка за Украина. Коалицијата особено ја промовираат Емануел Макрон и Кир Стармер. Досега членството во оваа коалиција го потврдија  Велика Британија,  Франција, Германија, Полска, Италија,  Шпанија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Норвешка, Финска, Исланд, Естонија, Латвија, Литванија, Чешка, Словачка, Словенија,  Хрватска,  Романија, Грција, Кипар, Турција,  Канада, Австралија, Нов Зеланд, Украина,  Молдавија и  Македонија.

Бугарија беше дел од оваа коалиција, но бугарскиот премиер Румен Радев објави дека неговата земја се повлекува од коалицијата и дека нема да учествува во нејзината политика на продолжување на воената поддршка за Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ