„Се чувствувам виновен за сообраќајката, што не би сакал на никој да се случи тоа. Големо сочувство за фамилијата. Да можам да сменам нешто, би направил. За давање помош, сум давал помош. Да, има камери таму… кажувам дека му дадов помош на покојникот и не се чувствувам виновен за тоа“, изјави Нури.
Одбраната бараше одложување на денешното рочиште, со што судот ќе дозволи да се завршат вештачењата и останатите докази за степенот и висината на казната и сведоци за второто дело.
Судот ја раздвои постапката по предметот и за првото дело, за кое обвинетиот призна вина, го одложи за 24 октомври, додека за второто дело, за кое обвинението ќе се брани, судењето ќе продолжи на 11 ноември.
Обвинителката, во воведен говор, рече дека обвинителството ќе докаже дека обвинетиот на 1 јули со своето незаконско управување на мотоцикл без возачка на пешачка патека предизвикал сообраќајна незгода во која Југослав Николовски се стекнал со тешки повреди на кои подоцна им подлегнал.
„Обвинетиот, иако Дедо Љубе лежел облеан во крв, по несреќата го оставил мотоциклот и го напуштил местото на несреќата. Сопатникот на мотоциклот, иако повреден, покажал доблест и останал на местото додека да дојде увидната екипа“, изјави обвинителката.
Семејството на починатиот Југослав Николовски преднајави барање на оштета, додека сопатникот на моторот, рече дека не бара отштета и не се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетиот.
Според обвинението, Фатон Нури на 1 јули годинава управувал мотоцикл кавасаки без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот. Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото.






