вторник, 21 јули 2026

Во Систина изведена првата операција со роботски систем

Првата операција со роботскиот систем MedBot Toumai® беше изведена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, со што, како што наведуваат оттаму, почнува нова ера на напредна, прецизна и минимално инвазивна хирургија во болницата, во земјава и во регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Кај 57-годишен пациент била изведена радикална роботски асистирана простатектомија со роботски асистирана лапароскопска лимфаденектомија. Станува збор за комплексна операција за лекување карцином на простатата, која со помош на роботскиот систем била реализирана со исклучителна прецизност и максимална контрола во секој чекор од интервенцијата.

Уролошкиот тим го предводел проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија, со целосна поддршка од д-р Александар Мицковски и д-р Владимир Лозановски и тим анестезиолози, медицински сестри, техничари и болничари.

„Благодарение на нивната темелна подготовка, професионалност и беспрекорна координација, операцијата помина успешно и според планираниот тек“, се наведува во соопштението.

Пациентот е во добра општа здравствена состојба, а постоперативниот тек и закрепнувањето се одвиваат според очекувањата.

„Овој историски успех е резултат на континуираната посветеност на Клиничката болница  ‘Аџибадем Систина’ да им ги овозможи на пациентите најсовремените медицински иновации и здравствена услуга според највисоките светски стандарди. Воведувањето на роботската хирургија претставува значаен чекор напред не само за болницата туку и за развојот на македонското здравство“, се вели во соопштението.

Хирургот ја има целосната контрола врз роботскиот систем

Од болницата го појаснуваат процесот на изведување на ваков тип операција, при што потенцираат дека роботскиот систем не ја изведува операцијата самостојно. Секое движење на инструментите е целосно контролирано од хирургот, кој управува со системот преку специјализирана конзола. Роботот ги пренесува движењата на хирургот со исклучителна прецизност, овозможувајќи стабилна и детална работа и во анатомски тешко достапни региони. Тридимензионалната слика со висока резолуција му овозможува на хирургот повеќекратно зголемен и јасен приказ на оперативното поле.

Проф. д-р Сотир Ставридис објаснува дека ваквиот минимално инвазивен пристап овозможува поголема безбедност за пациентите и значително побрзо закрепнување.

„Имплементацијата на оваа софистицирана технологија ни отвора фасцинантни можности – ни овозможува да работиме со врвна, микроскопска прецизност и да изведуваме исклучително сложени хируршки зафати. Притоа, минимално инвазивниот пристап гарантира максимална безбедност за пациентите и значително побрзо закрепнување. Интервенцијата се одвиваше беспрекорно и целосно според планираниот тек, што е директен резултат на темелната подготовка и врвната координација на целиот оперативен тим“, вели Ставридис.

Д-р Александар Мицковски очекува примената на оваа технологија дополнително да ги унапреди можностите за минимално инвазивен третман во урологијата.

„Очекуваме примената на оваа технологија дополнително да ги унапреди можностите за минимално инвазивен третман во урологијата и да овозможи изведување сè покомплексни интервенции, со поголема прецизност и помала траума за пациентот. Во иднина, нејзината поширока примена ќе придонесе за пократок болнички престој, побрзо враќање на секојдневните активности и уште подобри функционални и онколошки резултати“, нагласува Мицковски.

Зафатот бара прецизна анестезиолошка подготовка и постојана координација

Медицинската директорка на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Емилија Мирчевска го предводела тимот анестезиолози што учествувал во операцијата.

Таа вели дека реализацијата на првата роботски асистирана операција претставува историски значаен момент за болницата и изрази голема благодарност до сите членови на медицинскиот тим за нивната професионалност, посветеност и напорна работа, благодарение на кои овој значаен медицински исчекор стана реалност.

„Горди сме што можеме да понудиме напредна хируршка грижа за нашите пациенти и современите медицински технологии да ги доближиме до сите граѓани. Како анестезиолог, ми беше голема чест и професиoнална гордост да бидам дел од првата роботски асистирана хируршка интервенција во нашата болница. Анестезијата во роботската хирургија има свои специфики, бара прецизна подготовка, внимателно следење и менаџирање на сите можни промени во организмот, кои настануваат поради положбата на пациентот за време на операцијата и инсуфлацијата на јаглероден диоксид. Ваквите процедури бараат високо ниво на координација и постојана комуникација меѓу сите членови на оперативниот тим. Овој успех е доказ дека располагаме со знаење, искуство и капацитет за примена на најсовремените медицински технологии“, појаснува д-р Мирчевска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ