Обвинителството бара Илијевска да биде осудена за убиство, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана што според Кривичниот законик во одредени случаи може да биде и ослободена од казна.
„Не е кривично дело она дело што е сторено во нужна одбрана. Нужна е онаа одбрана што е неопходно потребна сторителот да одбие од себе или од друг, истовремен противправен напад. Сторителот кој ги пречекорил границите на нужната одбрана
може да се казни поблаго, а ако пречекорувањето го сторил поради силна
раздразнетост или уплав предизвикан со нападот, може и да се ослободи од
казна“, пишува во Кривичниот законик.
На претходното рочиште одбраната презентираше писмени докази и го задржа правото на дополнителни, за кои судот сè уште се нема произнесено.
На наредното судење се очекува да биде исцрпена целата доказна постапка и ќе следуваат завршни зборови.
На претходните рочишта беа сослушани вешти лица психолог, специјалист, психијатри, сведочеа членови на семејството Илијевски, соседи, беа изведени писмени и други докази и на барање на обвинителството и на барање на одбраната.
На првото рочиште обвинетата Илијевска, кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа дека на 13 јуни лани, Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинието и за продолжување на куќниот притвор на обвинетата Вангелица Илијевска. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован.






