среда, 27 мај 2026

Во Македонија со мултипла склероза живеат 2.500 луѓе

Во Македонија со мултипла склероза (МС) живеат околу 2.500 лица, а лани биле регистирани нови над 100 пациенти, бројка што се повторува скоро секоја година.

Објавено на

часот

Сподели

Според Националното здружение за мултипла склероза, иако медицината бележи напредок во третманот на болеста, лицата со МС и понатаму се соочуваат со бројни предизвици – од доцна дијагностика и ограничен пристап до терапија, до стигматизација во општеството.

Во време кога сè поголем број луѓе се соочуваат со предизвиците што ги носи оваа болест, Здружението денес испрати порака за поддршка, информираност и поголема грижа за пациентите.

„Мултипла склероза не е само медицинска дијагноза, туку состојба што длабоко влијае врз секојдневниот живот на илјадници луѓе и нивните семејства. Токму затоа, неопходна е поголема јавна емпатија, подобра информираност и посилна институционална поддршка за лицата кои живеат со болеста“, посочија од Здружението.

Ана Карајанова-Димитрушева, претседателката на Здружението, кажа дека почна децентрализација на третманот на пациентите со МС. Овој проект, кој претставува долгогодишно нивно барање, се имплементира како пилот-програма во три јавни здравствени установи низ државата: Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Клиничка болница Штип (за покривање на Источна и Североисточна Македонија) и Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид (за Југозападниот Регион).

„Доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот“, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, додавајќи дека со тоа би се елиминирале исцрпувачките патувања и патните трошоци.

Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, кажа дека оваа здравствена установа е во интензивен процес и напори за набавка на нов апарат за магнетна резонанца (МРИ), кој драстично би го скратил времето за поставување дијагноза и евалуација на болеста. Буџетот на Клиниката само за набавка на лекови за МС за 2026 дополнително пораснал и сега изнесува 451 милиони денари.

„Ова зголемување овозможува пристап на поголем број пациенти на третман – од 961 пациент во 2025 година, планот за 2026 опфаќа над 1.020 лица на терапија. Што е уште позначајно, во согласност со светските медицински трендови, близу 600 пациенти се на третман со високоефикасна модифицирачка терапија, со што директно се спречуваат релапси и долгорочен инвалидитет“, додаде тој.

Се проценува дека во светот повеќе од 2,8 милиони лица живеат со мултипла склероза (МС). Болеста предоминантно ги напаѓа младите возрасни лица во најпродуктивните години, и тоа помеѓу 20 и 40 години (две третини), а ретко под 15 и над 60 години (во просек на 28 години). Појавата на МС во детството се проценува на 3-5 отсто од случаите и се смета дека најмалку 2,5 до 5 проценти од сите пациенти со МС првиот напад на болеста го доживуваат пред својот 16-ти роденден. Појавата на МС пред 10-тата година е реткост и се проценува дека се јавува кај 0,2 отсто од децата на оваа возраст.

„По 45-тата година зачестеноста на новодијагностицирани континуирано се намалува. Жените заболуваат почесто од мажите во однос 3:1. Зачестеноста на оваа болест е различна во различни делови од светот. Во северните земји преваленцијата е многу висока (Шведска, Норвешка, Финска, Велика Британија, Канада – 100-150 лица на 100.000), за разлика од тропските краишта, каде што е многу ретка“, стои како податок на сајтот на Здружението.

Кај нас, според неофицијалните податоци, превален­ци­јата е повеќе од 80/100.000 жители, со што влегуваме во земјите со висок ризик.

Причини за мултипла склероза

Мултиплата склероза (МС) е откриена пред еден и пол век и, иако е направен голем напредок во многуте истражувања, вистинскиот причинител на оваа болест сè уште не е познат. Луѓето со оваа болест вообичаено се дијагностицирани во доцните дваесетти и средните триесетти години.

МС вообичаено се поврзува со посебните климатски области и ретка е во тропските земји.

Како причини се споменува околината, односно луѓето што мигрираат од областите со висок ризик, но и вирусните инфекции, иако нивната улога е нејасна. Многубројни докази зборуваат во прилог на имунолошко посредувани болести, а повеќе извештаи укажуваат и на стресот во домашното и работно опкружување. Воедно, во стручната литература се споменува траумата, како и ниското ниво на витамин Д за уште еден причинител за болеста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ