Последната информација од Министерството за здравство е дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.
Според информацијата, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани: 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани;140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни; девет прегледи во Ургентниот центар.
„Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности“, наведуваат од МЗ.
По пријавувањето на епидемија ПЕ Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и прибирање податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 формални пријави за заразна болест, кои се обработуваат од страна на епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.
„Институтот за јавно здравје е вклучен во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на земените примероци наведуваат од ресорното министерство.
Според последните информации во тек се: епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи; микробиолошки испитувања на примероци од пациенти; испитувања на примероци од водата и процена на можните извори на зараза; надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови; координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.
За денеска е најавена прес конференција во владиниот прес-центар, на кој се очекува да бидат презентирани резултатите од испитувањата на водата од градскиот водовод и поединости околу случајот во Гостивар.





