„Овој Центар, отворен во соработка со Општина Кисела Вода и со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светската банка, ќе обезбеди индивидуализирани логопедски и дефектолошки третмани, професионална поддршка за децата и родителите, како и соработка со училиштата и институциите. Особено е важно што услугите ќе бидат бесплатно достапни и за деца од социјално ранливи семејства зашто поддршката не смее да зависи од финансиската состојба на семејството“, изјави Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, напомена дека заедно со градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска вторпат отвора вакви наменски дневни центри на територијата на Кисела Вода.
„Така треба и да продолжиме, со заедничка соработка на општинската и централната власт. Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедува поддршка за вкупно 98 управни договори, кои оваа година се склучени токму за ваква намена – дневен престој за дечиња, поддршка на асистенти, лични асистенти за стари лица, дневен престој за стари лица… Ова се проекти што директно се финансирани од страна на Министерството како услуги што ги даваме и како продолжена рака на овие луѓе што навистина знаат како на современ, модерен начин да ги згрижат дечињата и тоа е навистина успех за сите нас во државата. Да, овие дечиња навистина заслужуваат шанса својот потенцијал да го изразат на најдобар начин, токму тука, со работа во овој дневен центар и сите други“, истакна Велковски.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска нагласи дека со отворањето на Едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“ се обезбедува нова, специјализирана социјална услуга во општината.
„Овој центар е резултат на проект за кој Општина Кисела Вода и Здружението за дислексија за ‘Ајнштајн’ заеднички аплицираа во рамките на програмата за подобрување на социјалните услуги на ресорното министерство, финансирана од Светската банка. Центарот ќе нуди секојдневна поддршка, логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни, интелектуални и говорни тешкотии. Исклучително важно е што овие стручни третмани ќе бидат бесплатни и целосно достапни за децата од социјално ранливите семејства, кои вообичаено немаат можност за приватни услуги“, рече Стаменкоска-Трајкоска.
Информира и дека денеска Општината потпиша меморандум за соработка со Здружението „Ајнштајн“ за имплементација на Еразмус+ проектот – DysAcademy.
„Со оваа соработка, во директно партнерство со нашите основни училишта, обезбедуваме бесплатен пристап до оваа регионална онлајн-едукативна платформа за наставниот кадар од сите училишта на територијата на Кисела Вода. На овој начин, покрај бесплатните третмани за учениците, ние системски им овозможуваме на наставниците и на стручните соработници конкретни алатки и обуки за препознавање и работа со деца што се соочуваат со дислексија, дисграфија или ADHD“, рече градоначалничката и оцени дека ваквите чекори овозможуваат конкретна поддршка на локално ниво и за децата и за образовниот систем.
Без обучени наставници и стручни соработници, инклузијата останува само формална заложба на хартија, порачаа и од Здружението и од Општината.






