„Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат сè додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и нè охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина. Истовремено очекуваме овие теми да се разговараат во иднина, исто така и Филипче како притиснат на дугме да продолжи да крева паники, затоа што човекот едноставно е заложник и киднапиран и ние тука ништо не можеме“, реплицираат од ВМРО-ДПМНЕ на оценките на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за извештајот на Европската комисија.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Филипче токму заради тоа, пред кампањата ја отворил темата за црвените линии.
„Некои може сметаа дека е коинциденција или поттикнати од глупостите кои ги прават дека е незнаење, но за жал за оваа тема е сепак нешто далеку подлабоко, тоа е заложништво на Филипче и семејството од Струмица во фиоките на нашите соседи. И веќе на сите им е јасно.
Ние благодариме за извештајот. Сметаме дека е реален, има многу работи кои се заостанати и резултат на проблемите кои ги наследивме, но ќе работиме посветено на реформите и неопходните чекори за просперитет и добробит на земјата и нашите граѓани. Наша цел е членство во ЕУ. А ние ќе бидеме спремни за тоа, кога ЕУ ќе биде спремна да нè прими. Во однос на Бугарите имаме јасен став и тој став знаеме дека ни носи проблеми и недоразбирања, но тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






