вторник, 2 јуни 2026

Вакцини во системот, но не и во книгите, наместо на фактура, кирија се плаќала на рака, откри ДЗР во работата на ИЈЗ

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрече неповолно мислење за финансиските извештаи и законитоста на работењето на Институтот за јавно здравје. Ревизорите утврдиле недостатоци во евиденцијата на вакцините, разлики во залихите, ненаплатени побарувања стари со години и отсуство на јасни правила за распределба на средства од здравствените програми.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Институтот за јавно здравје се соочува со финансиски и административни слабости, покажува најновиот конечен извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој ревизорите изразуваат неповолно мислење и за вистинитоста на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законските прописи за 2024 година.

Вакцини има, ама во ИЈЗ не воделе есап колку пари чинат  

Еден од најсериозните наоди на ДЗР се однесува на евиденцијата на вакцините. Според ревизорите, Министерството за здравство (МЗ) во име и за сметка на Институтот набавувало вакцини за задолжителна имунизација. Но, при нивната испорака се доставувале документи во кои се наведени само количините, но, не и колку пари чинат вакцините. Како резултат на тоа, примените и потрошените вакцини се евидентирале во системот „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот.

“Со ваквиот начин на постапување не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција на примените и потрошени залихи од овој тип, со што не е обезбедено согледување на нивната состојба и движење како што е предвидено со Законот за сметководството на буџетот и буџетските корисници што влијае на реалноста и објективноста на Билансот на состојба“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизијата открила и сериозни слабости во управувањето со медицинските материјали.

За дел од испратниците приемот бил внесен во системот, но не бил потврден од организациските единици. Поради тоа, магацинот бил раздолжен, а одделенијата не биле задолжени за примените количини. На крајот од годината била утврдена разлика од 7,74 милиони денари меѓу податоците за излез од магацин и податоците за прием во одделенијата на Институтот.

„Со извршениот увид во финансиската евиденција на залихите чија вредност на 31.12.2024 година изнесува 39.293 илјади денари, начинот на управување и извршениот попис на истите утврдивме дека Институтот нема донесено пишани процедури за процесот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихите во рамките на магацините за медицински и немедицински материјали и секоја организациона единица одделно, а работењето во оваа област се одвива согласно воспоставена пракса. Не е воспоставена ажурна евиденција на приемот на материјали, во моментот на испораката од добавувачите, односно влезот во магацинот се евидентира по доставување на фактурата“, пишува во ревизорскиот извештај на ДЗР.

Ревизорите констатираат дека на овој начин не е обезбедено целосно следење на движењето на залихите, што е спротивно на законските обврски за сметководствено работење. Дополнително, констатирале ревизорите, потрошувачката на материјалите не се следела по пациент, иако таквата обврска е предвидена во Законот за здравствена заштита.

Ненаплатени побарувања, долгови стари повеќе од три години

Дополнителна слабост ревизорите утврдиле во делот на наплатата на долговите.

На крајот на 2024 година Институтот за јавно здравје имал побарувања од купувачи од 99,3 милиони денари. Од нив, 17 милиони денари биле побарувања од Министерството за здравство за веќе извршени здравствени услуги во рамките на програмите за здравствена заштита. Но, во извештајот е констатирано дека една третина од овие побарувања се постари од три години и постои неизвесност дали воопшто ќе бидат наплатени.

Ревизорите утврдиле дека Министерството ги распределува парите по здравствени програми без јасно утврдени критериуми и без формализирана постапка за распределба на парите кон поединечните јавни здравствени установи.

„Во отсуство на пишани критериуми и утврдена постапка за распределба на финансиските средства по програми, истите се одобруваат во вкупен износ на ниво на сите ЈЗУ. Оваа состојба оневозможува транспарентна распределба на средствата на поодделните ЈЗУ, сообразување на преземените активности и одобрените средства по програми, поради што наплатата на побарувањата по наведените основи од Министерство за здравство не може да се изврши во целост, остварување на целите по програми“, констатирале ревизорите.

Поради тоа, се наведува во извештајот на ДЗР, се создаваат проблеми во усогласувањето на реализираните активности со одобрените пари, а наплатата на долговите не може да се спроведе во целост.

Пари има повеќе, но и проблемите остануваат

Финансиските показатели покажуваат дека Институтот во 2024 година остварил приходи од 148,1 милион денари, што е значително повеќе во споредба со претходната 2023 година кога приходите изнесувале 122,5 милиони денари. Во исто време расходите изнесувале 81 милион денари, што резултирало со вишок на приходи од 67,1 милион денари. Но, ревизорите предупредуваат дека позитивните финансиски бројки сами по себе не се доказ за добро управување доколку системот за евиденција, контрола и отчетност има сериозни слабости.

Ревизорите констатирале дека има простории дадени на користење без целосна наплата на трошоците. Извештајот нотира и проблеми поврзани со користење на простор во државна сопственост.

Дополнително, во ревизорскиот извештај е утврдено дека за време на користењето на одреден простор Институтот не фактурирал ниту наплатил режиски трошоци, иако според договорот тие требало да бидат на товар на закупецот.

„Под закуп е издаден простор кој не се користи за вршење на здравствена дејност, спротивно на одредбите од Законот за располагање и користење со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, каде е уреден начинот и постапката на издавање на простор под закуп, закупецот го користел просторот повеќе години иако во Договорот е предвидено дека истиот се склучува за период од две години, закупецот месечната закупнина во износ од 17 илјади денари ја уплатувал во готовина во благајната на Институтот, без притоа да се изготват фактури и побарувањето да се евидентира во финансиските извештаи, што не е во согласност со Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници. Институтот не фактурирал ниту наплатил надомест на режиски трошоци, иако во договорот е регулирано тековните трошоци за просторот (струја, вода, комуналии) да бидат на товар на закупецот“, констатирале ревизорите.

Ова, според ревизијата, влијаело врз комплетноста на наплатените приходи и реалноста на прикажаните побарувања. Иако во текот на 2025 година просторот бил вратен во владение на Институтот, ревизорите ја нотираат состојбата како пример за недоволна контрола врз управувањето со државниот имот.

Ревизорскиот извештај содржи повеќе препораки насочени кон воспоставување на целосна евиденција на материјалите, усогласување на податоците меѓу магацините и организациските единици, подобрување на пописните постапки и обезбедување следливост на потрошувачката по пациент. Воедно се бара воспоставување соодветна сметководствена евиденција за вакцините и подобра координација со Министерството за здравство во делот на финансирањето на здравствените програми.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ