вторник, 21 јули 2026
Од аеродромот тргнале кон дома, завршиле трагично кај Блаце

Тројца роднини загинаа кај Блаце, МВР откри дека биле барани со камери и дрон

Министерството за внатрешни работи објави нови детали за трагичната сообраќајна несреќа кај Блаце, во која животот го загубија три лица од Косово со живеалиште во Германија. Од МВР информираат дека веднаш по пријавата за нивното исчезнување биле преземени обемни активности за нивно пронаоѓање, вклучително и преглед на снимките од системот „Безбеден град“ и пребарување со дрон.

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите, на 19 јули во 13:40 часот во Полициската станица Бит Пазар, М.Ш. (56) од Косово пријавил дека не може да стапи во контакт со неговата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К., откако претходната вечер, околу 22:15 часот, заминале со возило од Меѓународниот аеродром Скопје.
„Веднаш по пријавата за исчезнати, екипи од СВР Скопје од ЕВР Чаир, Центар и Единицата за интервентна полиција извршија пребарување на камерите на Безбеден град за да се лоцира трасата на движење на исчезнатите лица и возилото кое го користеле, а подигнат беше и дрон над трасата поради фактот што беше утврдено дека возилото не ја напуштило државата преку ГП Блаце“, соопшти МВР.
Неколку часа подоцна, во 22:35 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Граничен премин Блаце – Скопје, кој е затворен за сообраќај и е во изградба, патнички „мерцедес“ со германски регистарски ознаки излетал од коловозот и се превртел.
Во несреќата на местото загинале возачот У.Т. (64) од Косово, со живеалиште во Германија, како и сопатничките Ф.Ш.Т. (56) од Косово и Џ.К. (54) од Турција, која исто така живеела во Германија.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје.
По наредба на јавниот обвинител, телата на тројцата починати се предадени на обдукција, а истрагата за причините што довеле до несреќата продолжува.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ