Оттаму појаснија дека по предлог на Обвинителството, постапувал дежурен судија по претходна постапка и определил притвор од по 30 дена за грабнување.
Претходно, од Обвинителството информираа дека побаран е притвор за двајца од Корешница, осомничени за грабнување.
Оттаму појаснија дека Основното јавно обвинителство – Кавадарци донело наредба за спроведување истражна постапка против две лица од селото Корешница, општина Демир Капија, за кои постоело основано сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – грабнување согласно член 141 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според соопштението на Обвинителството, двајцата осомничени, на 12 април, заедно извршиле грабнување на лице со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првоосомничениот 37-годишник. Неговиот соизвршител, 30-годишник од истото село, при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на оштетениот.






