среда, 13 мај 2026

Трајков: Жените и младите да бидат двигатели на европскиот развој

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков учествува на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул, кој годинава се одржува под мотото „Глобална одговорност“ на кој учествуваат високи државни претставници, дипломати, универзитетски професори, претставници на меѓународни организации и експерти од повеќе земји.

Објавено на

часот

Сподели

На самитот, како што соопшти Кабинетот на заменик-министерката Трајков, се дискутирало за глобалните предизвици, мирот, демократијата, улогата на жените во општеството и економската соработка.

Во рамки на панел-сесијата „Демократијата, жените и иднината на мирот“, заменик-министерката Трајков се обратила на тема поврзана со улогата на жените во процесите на носење одлуки, демократскиот развој и европските перспективи на регионот.

„Европската иднина на регионот зависи од нашата способност да градиме демократски институции, да вложуваме во човечкиот капитал и да создадеме општество во кое младите и жените ќе имаат активна улога во носењето одлуки“, истакнала Трајков.

Таа нагласила дека евроинтегративниот процес не е само политичка цел, туку и суштинска реформска агенда насочена кон стабилност, економски развој и владеење на правото.

„Во време на глобални предизвици, потребни се повеќе дијалог, соработка и заедничка одговорност. Само преку партнерство и меѓусебна доверба можеме да изградиме посилна и поодржлива иднина за сите граѓани“, порачала заменик-министерката за европски прашања.

Учеството на самитот, како што се наведува во соопштението, претставува можност за продлабочување на меѓународната соработка, размена на искуства и афирмација на заложбите за европски вредности, дијалог и регионална стабилност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ