Американскиот претседател прексиноќа во повеќе од 50 објави ги нападна своите политички противници, а на удар се најде и неговиот претходник во Белата куќа.
Во една од објавите што ги сподели Трамп, 44-от американски претседател беше наречен „најдемонската сила во американската политика во последните неколку децении“.
„Уапсете ги сите. Обвинете ги сите. Веднаш затворете ги поради предавство, велепредавство и заговор за уривање на владата на Соединетите Американски Држави. Но почнете од Барак Обама“, објави Трамп.
Претседателот исто така сподели тврдење од еден профил на движењето МАГА, во кое се наведува дека Обама измислил докази за руско мешање во претседателските избори во 2016 година, на кои Трамп ја победи Хилари Клинтон.
„Уапсете го предавникот Обама“, пишувало на тој профил.
Многу други објави на Трамп повторуваа недокажани тврдења дека Обама ги користел федералните агенции за да го шпионира Трамп пред изборите во 2016 година, што сегашниот претседател го опиша како „најголемиот политички злостор во американската историја“.
Меѓу објавите имало и телевизиски прилози, очигледно од минатата година, кои се занимавале со извештај на американската директорка на Националното разузнавање, Тулси Габард, од 2020 година. Таа тврдеше дека извештајот покажува оти Обама стоел зад наводите за руско мешање во изборите во 2016 година со цел да го дискредитира Трамп.
Обама тогаш тие тврдења ги нарече „бизарни“ и „слаб обид за одвлекување на вниманието“.
Други објави исто така го обвинуваа Обама дека на некаков начин бил вмешан во користењето приватен сервер за електронската пошта на Хилари Клинтон.
Од канцеларијата на Обама бил побаран коментар.
Иако Обама ја напушти функцијата пред речиси десет години, поранешниот претседател неодамна зборуваше за тоа како неговиот континуиран политички ангажман создал „вистинска напнатост“ во неговиот брак со Мишел.
„Тоа создава вистинска напнатост во нашиот дом и тоа ја фрустрира.
Јас гледам на тоа со повеќе разбирање, во смисла дека разбирам зошто луѓето така се чувствуваат, бидејќи не ме гледаат во историска споредба со други претседатели. Не ги интересира фактот дека ниту еден друг поранешен претседател не бил главен претставник на партијата низ четири изборни циклуси по заминувањето од функцијата“, рече тој во разговор за Њујоркер.
Трамп претходно годинава на донаторска вечера на Националниот републикански конгресен одбор го опиша Обама како „ужасен претседател“.
„Кога станува збор за Обама, тој создаваше големи поделби. Ја подели оваа нација. Беше лош претседател. Најлошиот претседател во историјата е Бајден, но Обама беше ужасен“, порача Трамп.
Од друга страна, Обама неодамна го прозва Трамп поради споделувањето расистичко видео во кое тој и Мишел Обама беа прикажани како мајмуни.
„Секогаш ме навредува кога во тоа се вовлекуваат мојата сопруга и децата, бидејќи тие не го избрале тоа. Тоа е граница за која би очекувал да ја почитуваат дури и луѓе чија политика длабоко ја отфрлам. Никогаш не би зборувал на таков начин за нечие семејство“, порача Обама.






