Ова се случува во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери, доцнат субвенциите, ниски се откупните цени, поништени се повиците за рурален развој. Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус, напиша Николовски.
Тој тврди дека власта го напаѓа затоа што заедно со земјоделците отвориле 270 семејни винарии, а 1.000 нови етикети македоснко вино го имало секаде низ светот и 4.000 мали производители ја продавале својата работа.
„Тоа е реформата за која ме напаѓаат. И зошто токму сега? Затоа што наместо реформи имаме осудена советничка на министерот во ИПАРД скандалот, уапсен директор на Платежната агенција, фатен на дело со пари, уапсен директор на Земјоделскиот инспекторат, мито од по 50.000 и 100.000 евра, блокирани ИПАРД фондови, доцнат субвенции, поништени повици. Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања. Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси“, пишува Николовски во својата објава.
Претходно, МВР за МИА потврди дека на 7 мај годинава Николовски бил повикан на разговор во СВР Скопје.
„На 7 мај 2026 година, по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, е повикан на информативен разговор во СВР Скопје – единица за економски криминал и корупција. Во тек се активности по што соодветно ќе ја информираме јавноста“ велат од МВР.
Во меѓувреме, МКД.мк дознава дека Николовски се сомничи и се истражува за злоупотреба над 800 илјади евра државни пари кои, како што велат нашите извори, ги делел без законска основа.
„Николовски се сомничи за злоупотреба на службена положба и овластување, затоа што во 2023 година распишал јавен повик за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино каде без никаква законска основа се поделелени над 820.000 евра, пари од буџетот на Министерството за земјоделство (МЗШВ)“, вели нашиот извор.
Дополнително, вели тој, по наредба на Јавното обвинителство, изминатиот период на разговор биле повикани и уште двајца поранешни членови на комисии за распределба на парите од повикот, а кои сега веќе не се дел од МЗШВ.
„Испратено е барање и до МЗШВ за прибирање на допонителна документација по барање на Обвинителството, а по по комплетирањето, СВР Скопје ќе ја оспрати до ОЈО Скопје“, велат изворите на МКД.мк.
Љупчо Николовски е актуелен пратеник од редовите на СДСМ. Од ноември 2015 година до мај 2016 година беше дополнителен заменик-министер за земјоделство во техничката влада на тогашниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев. Во 2017 година беше избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во владата на неговиот сопартиец, Димитар Ковачевски. Фунцијата министер ја извршуваше до 24 јуни 2024 година откако за министер беше именуван неговиот наследник, актуелниот министер Цветан Трипуновски од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.