сабота, 27 јуни 2026

Безбедноста не завршува со нов асфалт, четирите жртви кај скопската обиколница потсетија на застарените заштитни огради

Трагичната сообраќајна несреќа што се случи на 22 мај 2026 година на скопската обиколница кај Визбегово, во која животот го загубија познатиот оперски баритон Ристе Велков, неговиот син Адам и неговите другари Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов, по којзнае кој пат го отвори прашањето за безбедноста на патиштата. Овој пат, за заштитните огради и дали тие навистина овозможуваат безбедност според современите европски стандарди.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) тврди дека не располага со анализи кои покажуваат дека оградата на скопската обиколница не ги исполнувала стандардите за безбедно возење. Сепак, во одговорите што ги испрати до МКД.мк истовремено признава дека заштитната ограда на обиколницата е изградена според прописите што важеле во времето кога е градена оваа патна делница, а не според денешниот европски стандард EN 1317.

Никој не кажува дали безбедносната ограда е соодветно поставена

Во писмениот одговор доставен до МКД.мк, ЈПДП наведува дека нема наоди кои би покажале дека постојната заштитна ограда отстапува од стандардите што важеле кога била изградена.

Сепак, од претпријатието признаваат дека, безбедносната ограда е изведена согласно техничките прописи кои важеле во времето кога се градела обиколницата. Поради ова, велат од ЈПДП, не може автоматски да се заклучи дека оградата е небезбедена.

„Постоечката ограда на разделниот појас помеѓу двата коловоза на скопската обиколница е изведена во согласност со важечките технички прописи и стандарди кои биле на сила во моментот на изградбата на делницата. Со стапување во сила на европските стандарди EN 1317, ЈПДП ги применува овие стандарди при проектирање и изведба на сите нови и реконструирани патни делници, со цел унапредување на нивото на безбедност на сообраќајот“, велат од ЈПДП.

Од ЈПДП информираат дека веќе е започната постапка за избор на проектант кој ќе изработи основен проект за рехабилитација на скопската обиколница.

„Во рамките на тендерските документации за избор на изведувач на градежни работи, прецизно се дефинираат техничките спецификации, вклучително и типот и карактеристиките на заштитните огради кои треба да се вградат. Во случај на посебни постапки за реконструкција или рехабилитација, исто така јасно се наведуваат барањата за видот на оградата како составен дел од тендерската документација“, велат од ЈПДП.

Од стратегии до трагедии, кога заштитните огради ги нема ниту на хартија

Според Извештајот за работана РСБСП за 2025 година, во текот на минатата година на патиштата во Македонија загинале 132 луѓе, додека 6.847 биле повредени, од кои 1.010 со тешки телесни повреди, покажуваат официјалните статистички податоци за безбедноста во сообраќајот. Во истиот период се регистрирани 8.183 сообраќајни незгоди.

Иако бројот на загинати во 2025 година бележи намалување во однос на 2024 година, кога животот го загубиле 142 луѓе, анализите укажуваат дека трендот сè уште не е на потребното ниво.

Новата методологија за индикатори за безбедност на патиштата,воведува таканаречени клучни индикатори за перформанси (КИП), кои овозможуваат следење на ризиците пред да се случат сообраќајни несреќи. Меѓу дефинираните осум европски индикатори се вклучени: процент на возење во дозволена брзина, користење безбедносен појас, носење кацига кај мотоциклисти, ниво на алкохол кај возачи, користење мобилен телефон, безбедносни оценки на возила според Еуро НКАП, безбедносен рејтинг на патишта и времето на реакција на итните служби.

Во Извештајот за работана РСБСП за 2025 година, се нагласува дека подобрувањето на безбедноста не може да се темели само на однесувањето на возачите, туку и на состојбата на патната инфраструктура. Советот посочува дека е потребна континуирана модернизација на државните патишта, отстранување на ризичните точки и примена на современи инженерски решенија уште во фазата на проектирање. Посебен акцент се става на потребата безбедноста да биде интегрален дел од секој инфраструктурен проект, а не дополнителна компонента која се разгледува по изградбата. Дополнително, се препорачува зголемена координација меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта, локалните самоуправи и инспекциските служби, со цел побрза идентификација и санација на ризичните делници.

Трагедијата недоволна да престанат политичките пресметки за тендерите

Паралелно со прашањата за безбедноста се отвори и политичка дебата околу набавката на заштитните огради.

Од Влен побараа Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да отвори истрага за наводите дека при набавката на заштитни огради биле фаворизирани одредени компании.

На прес-конференција, Мухамед Елмази изјави дека во јавноста се појавиле информации според кои поранешниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми, наводно вршел притисок врз една од најголемите европски компании за производство на заштитни огради да не учествува на тендери во Македонија.

Според Влен, со тоа наводно била елиминирана сериозна конкуренција, а просторот останал за компанија од Србија.

„Тоа не се украси покрај патиштата. Тоа е опрема што е поврзана со човечки животи“, порача Елмази.

Од коалицијата побараа обвинителот Ислам Абази да отвори предмет и да ги испита сите околности околу јавните набавки.

Поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, категорично ги отфрли обвинувањата на Влен дека во неговиот мандат биле фаворизирани одредени компании при набавката на заштитни огради за патиштата. Тој тврди дека наводите се целосно невистинити, неосновани и не се поткрепени со ниту еден факт или официјален документ. Според Рустеми, додека бил на чело на претпријатието воопшто не била спроведена тендерска постапка за набавка на заштитни огради од страна на ЈПДП, поради што, како што наведува, не можело да има фаворизирање, исклучување или дискриминација на која било компанија.

„Немало никаков тендер во рамките на ЈПДП каде што која било компанија можела да биде фаворизирана. Кога нема тендерска постапка, не може да има ниту влијание, ниту притисок, ниту одговорност од моја страна“, изјави Рустеми. Тој ги повика претставниците на Влен, доколку располагаат со докази за своите тврдења, да ги достават до надлежните институции и до јавноста. Во спротивно, очекува тие да покажат политичка и морална одговорност, да се повлечат од обвинувањата и јавно да се извинат за, како што рече, ширење неточни информации.

Според него, ако немало тендер, тогаш не можело да има ниту фаворизирање, дискриминација или притисоци врз која било компанија.

Рустеми ги повика претставниците на Влен, доколку располагаат со докази, да ги достават до обвинителството и до јавноста. Во спротивно, очекува да ги повлечат обвинувањата и јавно да се извинат.

Скопската обиколница е една од најфреквентните и најчесто споменуваните критични точки, поради високата концентрација на товарен сообраќај и големите брзини со кои се вози по неа.  Изградбата започна во 2005 година, а целосно беше завршена и пуштена во употреба на 22 јуни 2009 година како дел од европскиот коридор 8. Обиколницата е проектирана и изградена пред во Македонија да почне задолжително да се применува европскиот стандард EN 1317 за системите за пасивна безбедност на патиштата. Обиколницата е во должина од 26,7 километри, а изградбата чинеше околу 70 милиони евра.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ