Од СДСМ велат дека кога и таа последна битка ќе заврши, Мицкоски ќе остане без инструментот што го користел за да го ослабне опозицискиот блок.
„Затоа веќе започнува со создавање на ново ‘здружение’. Тоа е дел од истата стратегија што ја применуваше и досега – создавање на вештачки политички субјекти чија единствена цел е да го ослабнат опозицискиот блок и да му обезбедат дополнителни гласови на следните избори. Огромниот пад на ВМРО од 150.000 гласови, целосно урнатиот рејтинг на Мицкоски поради лаги и економски колапс, како и фактот дека граѓаните сфатија дека биле измамени на минатите избори, го принудуваат да размислува за предвремени избори. Мицкоски знае дека СДСМ е зајакнат, дополнително, како дел од широкиот граѓански Фронт за вистина и правда, претставува сериозна закана по неговата власт. Затоа му е потребен нов сателит, ново орудие кое ќе работи на повеќе страни и ќе се обиде да го повтори сценариото од минатите избори. Ова е класичен пример на политичко инженерство од најлош вид“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека наместо Мицкоски да се соочи со реалните проблеми на граѓаните, тој продолжува да гради паралелни структури чија единствена мисија е да ја одржат неговата власт преку манипулација и поделба на гласовите.
„Мицкоски не прави нова политичка сила. Тој прави нов механизам за контрола на изборниот процес и за поделба на опозициските гласови. Исто како што го правеше и со ЗНАМ. Двапати истата лага нема да помине. Граѓаните не се наивни. Доаѓа времето на вистината и правдата“, категорични се од СДСМ.






