вторник, 9 јуни 2026
На судење за трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени

Исказ на сведок во „Пулс“: Газда Деко беше алчен за пари, имаше полициска заштита, а луѓето околу него му беа марионети

Алчен и човек што во локалот работел со црни пари, човек што имал полициска заштита и човек кому луѓето, дури и неговиот син, му биле марионети. Вака девојката што ја преживеала трагедијата во Пулс го опиша првообвинетиот Дејан Јованов, викан газда Деко. Таа денес не дојде да сведочи во судница. Нејзиниот исказ, даден во мај минатата година во текот на истрагата беше прочитан од обвинителот Борче Јанев, денес, на судењето за трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени.

Објавено на

часот

Сподели

Во исказот пред обвинителката Томева посочува дека од пожарот во Пулс таа имала повреди на рацете и нагмечување на градите. Во трегедијата изгубила многу луѓе, а меѓу нив и своето момче. Го нашла со блиц во темницата кога се вратила назад за да си ги бара и другарките.

„Во настанот изгубив многу луѓе, а меѓу нив и дечкото, уште од 17 години излегувам во Пулс, па работев на шанк. Пари од Деко добивавме на рака, Михајло ни даваше најмногу задачи, а тој ги слушаше инструкциите на Деко. Јавна тајна во Кочани беше дека Деко има заштита од полицијата и дека Пулс работел со црни пари. Деко беше алчен за пари, а хигиената во локалот беше на најниско ниво. Нè тераше нас да чистиме. Во Пулс имаше пукната цевка, а таму ужасна смрдеа, Деко нè тераше да чистиме“, се прочита од исказот на сведокот Ана Томева.

Одговарајќи на прашања на обвинителот, таа ја опишува и кобната ноќ во Пулс, за која раскажала дека тоа било борба за живот.

„Не ни знаев дека има друга врата што била заклучена во ова место. Последните минути од забавата беа најубавите моменти од мојот живот. Но во еден момент, кога беа вклучени прскалките, Деко се качи на бината. Видов дека дел од луѓето со чаши во раце излегуваат надвор полека“, стои во нејзиниот исказ.

Таа додава дека смирен бил повикот на Панчо на микрофон да излезат надвор, сè додека плафонот на тавнот не се запалил со голема брзина и не предизвикал паника.

„Беше општа борба за живот. Но по чадот, кој нè зашемети, настана паника. Паника се почувствува и во повикот на Панчо на микрофон сите да излеземе надвро. Се спасив со божја сила, не знам ни јас како. Но ете, се спасив. Панчо на микрофон кажа да излеземе надвор брзо, иако првично кажа излезете, ќе се вратиме назад. Деко го видов само со ПП апаратот во раце, беше темно, снема струја. Се обидував со блиц да влезам внатре, и го видов мојот дечко како лежи мртов долу на земјата“, стои во исказот на девојката што ја преживеа трагедијата.

Во вториот исказ на сведокот Лина Крстева, кој бил даден на 13 мај минатата година исто, беше прочитано дека кобната ноќ таа била на местото, а потоа со сестрата се поместиле бидејќи ги виделе прскалките дека се близу, па се тргнале за да не им ја потпалат косата.

Психијатриското вештачење што беше направено, а кое требаше да ја утврди психичката состојба на двете девојки што беа предложени за сведоци од Обвинителството, покажало дека тие имаат душевно растројство по настанот и доколку бидат повикани во судница и повторно бидат прашувани за настанот, ќе имаат последици врз психофизичкото здравје.

Од овие причини судијката Диана Груевска Илиевска одлучи да се прочитаат нивните искази, наместо тие да бидат повикани да сведочат.

Одбраната приговараше на тоа да се прочитаат исказите на овие двајца сведоци, и бараа тие да бидат повикани во судница, а посочија и дека едната му е ќерка на обвинител од Кочани.

Но судијката не го прифати нивниот предлог, со образложение дека вештачењата не се за да се утврди што се случувало во ноќта на трагедијата, туку да утврдат дали сведоците можат да дојдат да сведочат во судница.

Во продолжение на постапката се гледа видеа од претходни настапи на групата ДНК, но и од кобната ноќ.

Пожарот во дискотеката во Кочани избувна лани во март за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Следното рочиште е закажано за следната недела со доказна постапка.

Катерина Додевска 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ