понеделник, 28 април 2025

Тошковски: За случајот со пожарот во Кочани мора да покажеме дека имаме капацитети да одговориме соодветно

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски верува дека за „разумно време јавноста ќе биде сведок на целосно разоткривање на случајот“ со трагедијата што се случи во дискотеката Пулс во Кочани во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 беа повредени. Тој вечерва уште изјави дека организаторите во случајот со измамата со брзите кредити по итна постапка во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред суд.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на Алфа, Тошковски рече дека очекува дека обвинителството во разумен рок ќе поднесе обвинителен акт.

„Според последните информации 11 обвинители се вклучени во случајот. Има собрано огромен број докази, има и потенцијални сведоци, над 250-300 луѓе кои можеби ќе бидат сослушани. Со овој случај мора да покажеме дека државата има капацитети да одговори соодветно“, рече Тошковски.

Вели дека има разлика како се постапува сега во однос на претходните години затоа што за трите поголеми случаи како Ласкарци, Модуларната болница во Тетово и запалениот автобус во Бугарија немало поднесено ниту една пријава од страна на МВР, ниту пак бил извршен претрес за разлика од сегашните кривични пријави што се поднесени за случајот во Кочани.

Во однос на барањата од опозицијата да си поднесе оставка од функцијата, Тошковски вели дека чувствува морална одговорност, но дека чувствува уште поголема одговорност да се расчисти случајот до крај.

Во однос на изјавата на заменик-министерот за правда Ален Деребан за Гласот на Америка дека во брзо време ќе биде лишен од слобода поранешниот вицепремиер Артан Груби кој е во бегство надвор од државата, министерот Тошковски рече дека досега нема официјална потврда дека Груби е лоциран каде е.

Тој вечерва уште изјави дека организаторите во случајот со измамата со брзите кредити по итна постапка во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред суд. Според Тошковски се работи за широка лепеза на помагачи кои биле вклучени во измамата со брзите кредити.

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е поведена постапка против 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.

За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.

Дел од осомничените, без согласност на граѓаните, користеле лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.

Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.

Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејствија во вкупен обем надминува три милиони денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ