На паузата од денешното рочиште, Александар Наунов, татко на загинатата Надица, реагираше на изјавите на адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шофкет Хазари, дадени на претходното рочиште, кога побара преиспитување на обвинителниот акт.
„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 загинати деца да се прогласи за несреќа. Несреќа е кога природата ќе удри без предупредување, но кога со години институциите дозволуваат небезбеден објект да работи, тогаш тоа не е несреќа, туку системско замижување“, изјави Наунов.
Тој додаде дека е цинично да се тврди дека обвинетите не знаеле зошто се наоѓаат во судницата.
„Седат таму затоа што 63 деца и млади луѓе повеќе не седат никаде. Пожарот можеби го запали искра, но системот му ја отвори вратата“, рече Наунов, најавувајќи дека на следниот „Марш на ангелите“ јавно ќе биде прочитано обвинението против Шофкет Хазари.
На претходното рочиште, адвокатот Петре Шилегов побара преквалификација на делото, наведувајќи дека, според него, поголем дел од обвинетите немаат вина за трагедијата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на државата.
Судот на почетокот на денешното рочиште им посочи на дел од одбраната дека доказите кои се презентираат од Обвинителството се обезбедени во оригинал и доколку сакаат може да извршат увид.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
К.Д.






